
Брзиот раст на онлајн купувањето и милијардите мали пакети што секојдневно пристигнуваат во Европа ја принудија Европската Унија да направи сериозен чекор во реформирање на царинските правила. Советот на Европската Унија денеска официјално одобри измени со кои се укинува досегашното ослободување од царински давачки за пратки со вредност до 150 евра, правило што со години важеше за малите нарачки направени преку интернет.
Со новата одлука, и овие пратки ќе бидат опфатени со царински давачки. Целосната примена на новиот систем ќе започне кога ќе стане функционален Европскиот царински центар за податоци, што се очекува во 2028 година. До тогаш, земјите-членки ќе воведат привремена фиксна давачка од 3 евра за секоја пратка со вредност под 150 евра што директно се испраќа до потрошувачите во ЕУ.
Оваа привремена мерка ќе се применува од 1 јули 2026 година до 1 јули 2028 година, со можност за нејзино продолжување. Наместо износот да се пресметува по пакет како целина, давачката ќе се утврдува според тарифните подкатегории на производите во пратката. Тоа значи дека доколку во еден пакет има производи што припаѓаат на различни тарифни подброеви, за секоја категорија ќе се наплатува по 3 евра. Ако, на пример, во пратката има една свилена и две волнени блузи, бидејќи станува збор за две различни категории, вкупната давачка ќе изнесува 6 евра.
Од Советот на ЕУ посочуваат дека укинувањето на ослободувањето за мали пратки е важен дел од пошироката царинска реформа и има за цел да ја зајакне конкурентноста и безбедноста на европскиот пазар. Министерот за финансии на Кипар, Макис Керавнос, истакна дека глобалната е-трговија бележи постојан подем и дека европските правила мора да се приспособат на новите трговски реалности. Според него, со оваа мерка ќе се поддржи европскиот бизнис и ќе се спречат злоупотреби од страна на несовесни продавачи.
Новиот систем, според проценките, ќе има позитивно влијание врз буџетот на Европската Унија и врз националните јавни финансии. Царинските давачки претставуваат традиционален сопствен приход на Унијата, а земјите-членки задржуваат дел од средствата како надомест за трошоците за наплата. Притоа, привремената фиксна давачка од 3 евра не е поврзана со предложената „такса за ракување“, која сè уште се разгледува во рамки на пошироката реформа.
Податоците на Европската комисија покажуваат дека бројот на мали пратки што пристигнуваат во ЕУ се зголемува со огромна динамика. Од 2022 година наваму нивниот обем се удвојува секоја година, а само во 2024 година биле регистрирани 4,6 милијарди вакви пакети, од кои 91 процент доаѓале од Кина.
Реформата на царинскиот систем на ЕУ има за цел да одговори на зголемениот обем на трговија, различноста на националните системи, експанзијата на е-трговијата и новите геополитички предизвици. Во тек се и преговори меѓу Советот и Европскиот парламент за воспоставување на Царински центар за податоци во рамките на новата Царинска администрација на ЕУ, што ќе претставува клучен столб на идниот европски царински модел.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








