Минималната плата да го одредува прагот за задолжителна регистрација за ДДВ, наместо актуелниот фиксен износ од два милиони денари. Тоа ќе обезбеди автоматско прилагодување при секое зголемување на минималната плата, што треба да донесе поголема правичност, предвидливост и усогласеност на даночната политика со економските услови. Ова решение го предвидува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, доставен до Собранието.
Всушност, тоа е клучната измена што се предлага – досегашниот фиксен праг од 2.000.000 денари да се замени со формулата – износ пропорционален на бројот на минимални плати во нето-износ утврдени во периодот од декември 2019 до март 2020 година. Тој период е земен како референтна основа, кога повторно беше воведен тој праг.
Во пракса, тоа значи дека сите даночни обврзници чиј вкупен промет во изминатата календарска година го надминува овој пресметан износ – или се очекува да го надмине – ќе имаат обврска да се регистрираат за ДДВ.
Дополнително, се воведува механизам за автоматско прилагодување: ако се зголеми минималната плата, пропорционално ќе се зголеми и прагот за задолжителна регистрација за ДДВ. Министерот за финансии ќе биде должен во рок од 15 дена од објавувањето на новата минимална плата да го објави новиот праг во „Службен весник“, а новиот износ ќе важи за целата календарска година, односно до следното усогласување.
За 2026 година се предвидува министерот да го објави новиот праг најдоцна до 31 март, а законот да се применува од први април.
Исто така, се предлага фирмите кои лани не го надминале законскиот износ да немаат обврска да се регистрираат; компаниите кои веќе се регистрирани за ДДВ, а според новиот праг нема да го надминуваат лимитот, ќе можат да поднесат барање за отповикување на регистрацијата до 30 април 2026 година.
Со врзување на прагот со минималната плата, системот станува пофлексибилен и автоматски се приспособува на економските движења. Целта е да се заштитат малите и средните претпријатија од прекумерно даночно оптоварување, да се обезбеди поголема фискална дисциплина и транспарентност, но и да се усогласи даночната политика со реалните пазарни услови.
Во исто време, се очекуваат финансиски последици врз Буџетот, односно можност за намалување на приходите од ДДВ, поради помалиот број обврзници кои ќе влезат во системот при повисок праг, се посочува во предлог-законот поднесен од пратениците Елми Азири, Зиадин Села и Илире Даути.
Аналитика








