
Рокот за легализација на бесправно изградените објекти повторно се поместува, овојпат за уште пет години. Наместо во март 2026, општините ќе имаат време до март 2031 година да ги затворат предметите што со години стојат незавршени во нивните архиви. Со 67 гласа „за“, пет „против“ и без воздржани, Собранието по скратена постапка ги усвои измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што процесот на озаконување формално се продолжува од 15 на 20 години.
Официјално, измените не отвораат нова можност за поднесување барања, туку се однесуваат исклучиво на граѓаните кои веќе поднеле документација за објекти изградени до 2011 година и сè уште чекаат институционална разрешница. Од парламентарното мнозинство велат дека станува збор за „техничко продолжување“, со цел да не се прекинат илјадници постапки кои се во различни фази – дел поради судски спорови, дел поради нерешени имотно-правни односи или други административни пречки.
Иницијативата за измените дојде од Управниот одбор на ЗЕЛС, по предлог на повеќе општини, меѓу кои и Општина Битола. На седницата од 30 јануари годинава било констатирано дека со истекот на рокот на 3 март 2026 година, сите незавршени постапки би запреле по сила на закон, без можност за нивно довршување. Во образложението било наведено дека голем број предмети се заглавени поради судски процеси поврзани со сопственоста, наследни прашања или други правни околности што морале да се решат како претходно прашање.
Бројките од терен покажуваат колкав е обемот на проблемот. Во Општина Аеродром од околу 10.000 поднесени барања, 4.000 сè уште не се затворени. Во Центар од 7.100 поднесени, во постапка се околу 1.500. Во Сарај, од речиси 10.000 предмети, решени се 2.215, одбиени 3.112, а дури 4.623 остануваат активни. Карпош, пак, информира дека од 12.688 пристигнати барања во повеќе наврати од 2011 до 2018 година, решени се 9.427, а 3.261 се уште се во постапка.
Поддржувачите на измените тврдат дека граѓаните не смеат да бидат казнети поради неефикасноста на институциите. Дел, пак, предупредуваат дека ваквите пролонгирања испраќаат погрешна порака.
Првичниот закон за легализација беше донесен во 2011 година како еднократна мерка за решавање на наталожениот проблем. Петнаесет години подоцна, процесот сè уште не е затворен. Со последните измени, државата си дава уште пет години за да ја заврши постапката за објектите изградени до 2011 година.
Прашањето што останува отворено не е само дали предметите ќе бидат конечно затворени до 2031 година, туку и дали системот ќе се реформира доволно за да не се создаваат нови. Бидејќи, како што покажува досегашното искуство, секое одложување е истовремено и признание дека проблемот не е само во роковите – туку во начинот на кој се планира и управува просторот.
Аналитика








