ПОВЕЌЕ

    КОЈ ЌЕ ГИ ПОПОЛНИ ПРАЗНИТЕ РАБОТНИ МЕСТА ВО МАКЕДОНИЈА: 10.000 странци влегуваат на пазарот

    Време зa читање: 3 минути

    Со одлука што стапи на сила на 16 јануари, Владата ја утврди квотата за вработување странски државјани за 2026 година на 10.000 работни дозволи, продолжувајќи го трендот на постепено отворање на пазарот на трудот кон увоз на работна сила. Најголемиот дел од квотата, 9.750 дозволи, се наменети за редовно вработување, додека помал број е предвиден за упатени странци и сезонски ангажмани.

    Во рамки на редовното вработување, речиси половина од дозволите се однесуваат на нови странски работници, а останатиот дел на продолжување на веќе издадени дозволи, што укажува дека странската работна сила веќе станува стабилен сегмент од домашниот пазар. Надлежните институции најавуваат внимателно следење на искористеноста на квотата и состојбите со понудата и побарувачката на труд, особено во секторите каде недостигот од работници со години е изразен.

    Податоците од изминатата година ја потврдуваат таа динамика. Агенцијата за вработување лани дала над 8.500 позитивни мислења за работни дозволи, додека Министерството за внатрешни работи одобрило повеќе од 6.000 дозволи за престој на странски работници. Бројките покажуваат јасен пораст во споредба со периодот од пред пет години, кога дозволи добиле помалку од 2.000 лица, што значи дека бројот на странски работници е зголемен повеќе од трипати.

    Најголем интерес за ангажирање странска работна сила и понатаму има во градежништвото, преработувачката индустрија, угостителството и трговијата – сектори кои работодавачите ги посочуваат како хронично дефицитарни. Во последните години, на македонскиот пазар сè почесто работат работници од земји како Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипините.

    Според премиерот Христијан Мицкоски, потребата од работници не е нов феномен, туку континуиран предизвик за економијата. Тој посочува дека квотата е утврдена врз основа на барањата од стопанските комори и работодавачите, без проширување на секторите надвор од оние кои и досега се соочуваат со недостиг од кадар.

    Сепак, отворањето на квотите ја актуелизира и пошироката дебата за балансот на пазарот на трудот. Законски, бројот на странски работници не смее да надмине 5% од вкупното работоспособно население, што засега остава простор за вакви зголемувања без формално кршење на рамката. Во исто време, синдикатите и дел од економските аналитичари предупредуваат дека либерализацијата мора да оди паралелно со заштита на работничките права и со политики што ќе спречат притисок врз платите и условите за работа.

    Дополнителна димензија носат и законските измени од 2024 година, со кои се овозможи странски работници ангажирани на стратешки проекти да добиваат дозволи и надвор од редовната годишна квота. Тоа значи дека реалниот број на странски ангажмани може да биде и повисок од официјално утврдената бројка, особено кај големи инфраструктурни проекти како изградбата на Коридорите 8 и 10Д.

    Зголемената квота за 2026 година, според упатените, е сигнал дека увозот на работна сила од привремена мерка постепено се претвора во структурно решение за економијата. Прашањето што останува отворено е дали паралелно ќе се вложува доволно во домашниот човечки капитал, за странските работници да бидат дополнување, а не замена за долгорочниот развој на пазарот на трудот.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично