Нема забелешки за финансиското работење на Врховниот суд, но ревизорите предупредуваат на недостиг од кадар, неизвесност околу тековните судски постапки и хронично недоволно финансирање на судската власт. Државниот завод за ревизија не утврдил неправилности во финансиските извештаи и во усогласеноста на работењето на највисоката судска инстанца за 2024 година.
„Изразивме мислење без резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“, велат ревизорите.
Сепак, посочуваат неколку прашања кои можат да имаат влијание врз работењето на судот. Меѓу нив се судските постапки во кои е вклучен Врховниот суд, а чиј исход сè уште не е познат. Поради тоа, останува неизвесно дали во иднина ќе има финансиски последици врз буџетот на Врховниот суд.
Ревизорите укажуваат и на кадровски проблеми. Од септември 2023 година Врховниот суд функционира без судски администратор, а иако Министерството за правда уште во 2020 година донело обрасци за оценување на судските службеници, тие не ги опфаќаат судската полиција и судскиот администратор.
Посебно е нагласен и хроничниот проблем со финансирањето на судството. Според ревизорскиот извештај, за судската власт во 2024 година биле обезбедени 2,65 милијарди денари, што претставува само 0,3 проценти од БДП, далеку под законски предвидените 0,8 проценти.
Во делот на системските слабости, ревизорите посочуваат дека сè уште нема соодветни законски одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои извршуваат технички и помошни работи.
Ова не е прва ревизија на Врховниот суд. Во извештајот за 2019 година беше изразено мислење со резерва за усогласеноста со законите и прописите. Подоцнежната контрола на спроведувањето на препораките покажала дека од седум дадени препораки, четири биле целосно реализирани, една делумно спроведена, а две останале нереализирани.
На нацрт-извештајот на ревизорите не биле доставени забелешки од страна на Врховниот суд.
Аналитика








