Промет од 9,58 милијарди денари, односно 155,9 милиони евра е крајниот исход од минатогодишните активности реализирани на Македонска берза. Движењата беа променливи со повеќе негативни од позитивни осцилации, при што прометот е со годишен пад од 28,46 отсто. Регистрирани се 19.616 трансакции со минус од 17,4 проценти. А, МБИ10 индексот, за кој 2024 беше рекордна година, опадна за 1,43 отсто и заврши со 10.054,59 поени.
Во топ 10 најатрактивни за инвеститорите се акциите на четири банки, на две фармацевтски куќи, на компании што се занимаваат со снабдување и дистрибуција на горива, со телекомуникации, градежништво, хотелиерство. Притоа, просечните цени на најтргуваните акции бележат значителен годишен раст. Во просек, за околу 30–40 насто кај водечките хартии од вредност. Сепак, опаѓање во однос на 2024 година има кај количината на истргуваните акции, кај бројот на трансакциите и во одделни примери понизок промет.
Со вкупен промет од 1.844.419.172 денари (30 милиони евра), Комерцијална банка е убедливо најтргуваната акција за 2025 година. На пазарот беа истргувани 64.374 акции, а просечната цена изнесуваше 28.651,62 денари. Бројот на трансакции достигна 6.987.
Стабилното работење и традиционално високите резултати на „Алкалоид“ на акцијата ѝ го обезбедуваат второто место. Годината ја заокружи со просечна вредност од 27.468,23 денари. Со истргуваните 49.006 акции преку 4.824 трансакции, остварен е промет од 1.346.108.095 денари (21,9 милиони евра).
Акцијата, за која одделни инвеститори посочуваат дека е со пониска вредност од реалната – на „Макпетрол“, постојано е во првата петорка. Берзанската годишна статистика забележала: промет од 503.357.161 денар (8,2 милиони евра), 1.264 трансакции и истргувани 4.485 акции. Просечната вредност на акцијата е 112.231,25 денари.

Инвеститорскиот интерес ја донесе акцијата на Стопанска банка Скопје на четвртата позиција (беше во долниот дел од табелата за 2024). Преку 1.534 трансакции истргувани се 110.306 акции, кои повлекле промет од 319.854.398 денари (5,2 милиони евра). Годината е заокружена со просечна цена од 2.899,70 денари.
Уште една банкарска акција меѓу најтргуваните, издадена од НЛБ Банка. Реализирани се 1.050 трансакции со 4.938 акции и просечни 57.941,76 денари. Направен е промет од 286.116.398 денари (4,6 милиони евра).
Овие пет акции со 3.980.000.826 денари (64,7 милиони евра) зафаќаат 41,5 отсто од вкупниот берзански промет остварен во текот на минатата година.
Меѓу најдобрите, односно најтргуваните се и акциите на „Реплек“ со промет од 169.319.594 денари. Следуваат „Гранит“ (152.252.628 денари), „Македонијатурист“ (95.737.877 денари), „Македонски Телеком“ (75.149.074) и ТТК Банка (22.130.376 денари). Заедничката реализација им е околу 8,4 милиони евра. Оттаму, годишниот промет на десетте најтргувани акции е во износ од околу 73 милиони евра, што претставува 46,8 проценти од вкупното берзанско остварување.
Прометот на останатите изнесува 155.254.738 денари или 2,5 милиони евра.
M.A.
Аналитика








