
Европските сојузници на Данска почнаа ограничено воено распоредување на Гренланд, во чекор што има јасна политичка тежина и доаѓа во момент на зголемени тензии со САД околу иднината на островот и неговите ресурси.
Воени контингенти од Франција и Германија веќе пристигнаа во Гренланд, а во мисијата учествуваат и Норвешка и Шведска. Според официјалните информации, станува збор за ограничена, дводневна операција која формално се води како воена вежба, но суштински има силна политичка порака: европско присуство на територија што САД отворено ја посакуваат.
Франција испрати 15 припадници на планинска пешадија, додека Германија распореди извидувачки тим од 13 лица. Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека ова е демонстрација на подготвеноста на Европската Унија брзо да реагира доколку безбедносната состојба во Арктикот се влоши. Дел од војниците веќе се наоѓаат во главниот град Нуук, каде што, според извори, било поставено и знаме на ЕУ како симболичен чин на присуство.
Овој потег доаѓа во чувствителен момент, веднаш по разговорите во Вашингтон меѓу претставници на Данска, Гренланд и САД, кои завршија без конкретен напредок. Данскиот министер за надворешни работи јавно призна дека не успеале да ја променат американската позиција и дека е јасно оти Трамп сè уште ја разгледува можноста за преземање на полуавтономната територија, пред сè поради нејзините богати минерални ресурси и стратешката положба.
Од гренландска страна беше упатен повик за соработка со Вашингтон, но и јасна порака дека островот не сака да биде „во сопственост“ на САД. Истовремено, Данска најави зголемување на сопственото воено присуство на Арктикот, обидувајќи се да одговори на критиките од Трамп дека Копенхаген не ја сфаќа доволно сериозно одбраната на регионот.
Во Белата куќа, пак, реакцијата беше студена. Портпаролката на администрацијата изјави дека европските воени мисии нема да имаат никакво влијание врз одлуките на американскиот претседател. Трамп, пред новинарите во Овалната соба, повтори дека „САД навистина имаат потреба од Гренланд“, предупредувајќи дека, доколку Вашингтон не дејствува, тоа ќе го сторат Русија или Кина.
Токму тој аргумент предизвика реакции и од Москва. Русија ги осуди тврдењата дека нејзините активности во Арктикот се закана и ја обвини западната алијанса за милитаризација на регионот. Руски дипломати порачаа дека Арктикот треба да остане зона на мир и соработка, а не нова линија на глобална конфронтација.
Најголемата загриженост, сепак, доаѓа од локалното население. Инуитските заедници, особено околу градот Илулисат, стравуваат дека геополитичките игри на големите сили ќе го загрозат нивниот традиционален начин на живот. За нив, Гренланд не е стратешка точка или извор на ресурси, туку дом кој го населуваат со векови.
Распоредувањето на европските трупи можеби нема реално да спречи американска интервенција, но испраќа јасен сигнал: за првпат по долго време, земји членки на НАТО размислуваат за одвраќање, не од надворешен непријател, туку од сопствениот најмоќен сојузник.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








