ПОВЕЌЕ

    ДЕСЕТГОДИШЕН МАРАТОН – Пензиите „трчаат“ побрзо од платите

    Време зa читање: 4 минути

    Во период од десет години и пензиите и платите се дуплирале, па и повеќе од тоа. Растот на пензиите во ноември 2025 година (последни податоци) во однос на ноември 2015 година е 107,5 насто, додека растот на платите во истиот период изнесува 106,8 насто. Јасно е дека и двете категории покажуваат огромен раст. Во 2015 година во ноември просечната пензија била 13.077 денари, а во ноември минатата година изнесувала 27.133 денари. Во ноември 2015 година прoсечната плата изнесувала 22.213 денари, а 10 години пoтоа, 45.943 денари.

    Она што е особено значајно за пензискиот стандард е соодносот меѓу просечната пензија и просечната плата. Податоците покажуваат дека состојбата се подобрила во однос на 2020 година, но дека пак е на ниво од 2015 година.

    Извор. Државен завод за статистика и Фонд за ПИОМ

    * За ноември 2020 година нема податоци за просечна пензија, најблиски се за јануари 2021 година, кога изнесувала 15.650 денари

    Податоците за изминатите години откриваат дека во периодот од 2015 до 2020 година платите растеле побрзо од пензиите. Во овој период платите се зголемиле за 25,6 насто, додека пензиите се зголемиле за 19,7 насто. Но, потоа има една поинаква динамика. Има голем раст на плати како резултат на сè поголемата побарувачка на работна сила наспроти понудата. Во периодот од 2020 до 2025 година платите се зголемиле за 64,7 насто, но пензиите се зголемиле уште повеќе ‒ за 73,4 насто!

    НЕМА ПЕНЗИЈА ПОД 19.228 ДЕНАРИ

    Тоа што сега растот на пензиите ја добива трката со растот на платите се должи на линеарното зголемување во износ од 6.000 денари (двапати по 2.500 денари и еднаш 1000 денари). Линеарното зголемување на пензиите значително ја подобри состојбата и на пензионерите со најниски пензии, што беше и негова цел.

    Во ноември 2025 година најниска пензија земале 2.109 корисници, а износот е 19.228 денари. Овој износ е 70,86 насто во однос на просечната пензија. Во ноември 2015 година најнискиот износ на пензија бил 7.783 денари, а ја земале 5.993 корисници. Тогаш најниската пензија била 59,51 насто во однос на просечната пензија.

    Извор: Фонд за ПИОМ

    КАКВА Е ОДРЖЛИВСТА НА РАСТОТ?

    Податоците покажуваат огромен раст на бројот на пензионерите во изминативе децении. Во 1991 година имало 180.794 пензионери, а бројот на вработените бил 534.887. Така, тогашниот сооднос бил еден пензионер на три вработени, а тоа се смета за негов златен сооднос. Но, сите во светот драматично ја губат битката за таков сооднос и сè повеќе се оддалечуваат од него, па така е и кај нас. Во 2024 година (последен податок) имало 556.294 осигуреници, евидентира Фондот за ПИОМ наспроти 342.282 пензионери, или 1,6 вработен наспроти еден пензионер.

    Од 1991 година бројот на пензионерите се зголемил речиси двојно, а бројот на вработени бил сличен како пред 23 години.

    Најлоши години биле околу 2005 година. Во 2005 година имало одвај 348.500 вработени, наспроти 265.152 пензионери. Така, соодносот меѓу бројот на вработени и пензионери бил 1,3 : 1.

    Фондот за ПИОМ дава детални прегледи до 2015 година. Таа година имало 558.821 вработен и 299.640 пензионери, а сооднос од 1,9 : 1.

    Сега состојбата е полоша, а тоа е лош показател за одржливоста на растот на пензиите.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично