ПОВЕЌЕ

    Славески: Високите цени прават поголема штета од повисоките каматни стапки

    Време зa читање: 2 минути

    Ниските каматни стапки не секогаш значат и поевтино живеење. Ја поттикнуваат инфлацијата, која најсилно го удира стандардот на сиромашните и на средната класа, затоа што високите цени создаваат многу поголема штета од повисоките каматни стапки.

    Ова е ставот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, презентиран во објавата на социјалната мрежа Икс. Воедно, додава дека достапноста на становите и другите добра што се купуваат на кредит не е намалена поради повисоките каматни стапки, туку поради потребата да се земаат кредити на повисоки износи.

    Еве што пишува гувернерот во статусот насловен „Каматните стапки и инфлацијата“:

    „Ниските каматни стапки се популарни, но инфлацијата којашто ја ’подгреваат’ најмногу ги погодува сиромашните и средната класа.

    Високите цени предизвикуваат значително поголема штета од повисоките каматни стапки.

    Да не беа толку високи стапките на инфлација во текот на оваа декада, реалните плати ќе растеа со повисока стапка и нивната куповна моќ ќе беше поголема.

    Ниските каматни стапки го поттикнуваат растот на цените на недвижностите и на другите видови имот.

    Становите и другите добра што се купуваат на кредит не станале недостапни за многумина заради високите каматни стапки (тие не се тоа!), туку заради нужноста да се земе кредит на повисок износ“.

    Ставовите што Славески ги изнесе на Икс се совпаѓаат со денешната одлука на Извршниот одбор на Народната банка за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25 насто. Според централната банка, умереното затегнување на монетарната политика, заедно со претходно преземените мерки, треба да придонесе за стабилизирање на инфлацијата, зацврстување на инфлациските очекувања и одржување на стабилноста на девизниот курс

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично