
Русија направи уште еден чекор во затегнувањето на контролата над содржините на интернет: државниот регулатор Роскомнадзор објави дека го блокира пристапот до популарната американска платформа за игри за деца Roblox, со образложение дека преку неа се шири „екстремистички материјал“ и „ЛГБТ пропаганда“. Според соопштението, на платформата наводно има голем број содржини кои, како што велат властите, можеле „негативно да влијаат на духовниот и моралниот развој на децата“.
Од компанијата Roblox, во одговор испратен до Ројтерс, нагласиле дека ги почитуваат законите и прописите во сите држави каде што се присутни и оти веруваат дека нивната платформа нуди позитивна и безбедна средина за учење, креативност и дружење. Тие потенцираат дека имаат „длабока посветеност на безбедноста“ и користат широк спектар проактивни и превентивни механизми за откривање и спречување штетна содржина.
„Роблокс“, кој само во третиот квартал од годинава имал просечно 151,5 милиони дневно активни корисници, и претходно се соочувал со забрани во неколку земји, меѓу кои и Ирак и Турција, поради стравувања дека предатори ја злоупотребуваат платформата за злоупотреба и таргетирање деца.
Роскомнадзор со години ја ограничува или целосно ја прекинува работата на западни медиуми и технолошки компании за кои смета дека објавуваат содржини спротивни на руското законодавство. Минатата година, на пример, апликацијата за учење јазици Duolingo ги отстрани сите споменувања на она што Москва го нарекува „нетрадиционални сексуални односи“, откако беше предупредена поради ЛГБТ содржина.
Во 2023 година, руските власти го прогласија т.н. „меѓународно ЛГБТ движење“ за екстремистичка организација, а лицата и групите кои го поддржуваат – за терористи, што отвори простор за сериозни кривични постапки против лезбејки, геј, бисексуални и трансродови лица и нивните поддржувачи.
Паралелно со тоа, Москва постепено ги стега и другите дигитални услуги под странска сопственост. Во август годинава почна ограничување на одредени видови повици преку WhatsApp, кој е во сопственост на Meta. Слични обвинувања беа упатени и кон Telegram: властите тврдат дека платформите не соработуваат доволно со органите за спроведување на законот во случаи поврзани со измами и тероризам. Роскомнадзор неодамна дури се закани дека целосно ќе го блокира WhatsApp во Русија.
(Фото: Aerra Carnicom, Wikimedia Commons CC BY-SA 4.0)
Аналитика








