
Инфлациската слика во еврозоната во ноември се покажа неочекувано шарена. Додека дел од големите економии на блокот го продолжија трендот на смирување на цените, Германија, моторот на европската економија, повторно ја крена веѓата на аналитичарите со посилен од очекуваното раст на инфлацијата. Разликите меѓу земјите само го нагласуваат чувствителниот баланс во кој се наоѓа европската економија додека се подготвува за последната одлука на Европската централна банка оваа година.
Германските податоци беа најголемото изненадување. Хармонизираната инфлација во ноември се искачи на 2,6% на годишно ниво – највисоко ниво во последните девет месеци. Иако цените на енергијата продолжија да паѓаат, поскапувањето на храната силно придонесе за растот. На месечно ниво, сепак, цените се намалија за 0,5%, што покажува дека растот не е униформен, туку доаѓа од специфични сегменти.
Напротив, Франција продолжува да дише полесно. Инфлацијата таму остана стабилна на 0,8% годишно – значително под нивото од пред една година. Забавувањето кај услугите, паѓачките цени на индустриските производи и умереното движење кај енергијата ја одржаа француската економија на мирни води. Дури и месечно, цените паднаа за 0,2%, што покажува дека притисоците се намалуваат побрзо отколку што очекуваа економистите.
Италија ја следи француската насока. Годишната инфлација се лизна на 1,1%, најниско ниво за повеќе од една година. Падот на цените на енергијата и послабата инфлација на услугите го одржаа вкупниот индекс под контрола, иако некои категории, како преработената храна и одредени неенергетски производи – продолжија да растат.
Шпанија, пак, покажува спротивна динамика. Иако месечно нема промена, годишната инфлација од 3,1% остана поупорна од очекуваното. Храната, транспортот и дел од услугите и понатаму вршат притисок врз цените, што ја става Шпанија меѓу „потоплите“ економии на континентот.
Овие различни трендови ќе имаат тежина во пресрет на состанокот на Европската централна банка во декември. Иако инфлацијата во еврозоната за октомври беше 2,1% – едвај над целта од 2% – што сугерира дека притисоците генерално се смируваат, новите податоци и покачените инфлациски очекувања кај граѓаните би можеле да ја зголемат внимателноста на креаторите на политиките. ЕЦБ засега нема намера да ја менува каматната стапка од 2%, уверена дека среднорочните цели за стабилност на цените се движат во вистинска насока. Но разликите меѓу земјите јасно покажуваат дека патот до целосно смирување останува нерамномерен.
Аналитика








