Со помали или поголеми количини акции, нетрговските трансфери минатата недела се заокружија со подарени 2.481 хартија од вредност, издадени од 11 друштва. Сите се обични акции, а ударниот ден за оваа активност бил четврток. Тогаш се забележани девет преноси со 2.282 акции.
Според бројноста, најголем е подарокот сочинет од 861 акција на Либерти АД Скопје. Со акциите на производителот на челични производи последен пат на Берзата се тргувало во октомври, а просечната цена е 10 денари.
Со повеќе од сто акции се реализирани уште четири трансфери. Во статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност се регистрирани и други челични акции – 595 со знакот на Макстил. Нивната просечна вредност е 135 денари.
АрцелорМиттал (ХРМ) минатата седмица е застапен со 516 обични акции. Ова друштво е долгорочно суспендирано од котација.
Подарени се и 219 акции издадени од компанијата што се занимава со повеќе дејности, меѓу кои и собирање, прочистување, призводство и дистрибуција на вода – за пиење и индустриска, РЖ Услуги. Имаат просечна цена од 50 денари.
Забележани се во неделната статистика и 117 обични акции на Тутунски комбинат АД Прилеп. Тргувањата со овие акции не се чести (шест во 52 недели), а имаат просек од 290 денари.
Една од најтргуваните акции на Македонска берза е таа на Макпетрол, а минатата недела нетрговски се трансферирани 82 хартии од вредност. Имаат просечна цена од 114.999,66 денари, произлезена од последното, петочно тргување.
Пет трансфери се направени со помали количини акции, а тоа се: 28 на Уготур АД Скопје, 26 на РЖ Интер-Трансшпед, 25 на РЖ Економика, 10 на РЖ Техничка контрола и 2 на Гранит.
Аналитика








