Во период од една година за половина процент, односно за 0,56 процентни поени е намалена просечната камата што се пресметува на вкупните кредити одобрени и исплатени од домашните банки, при што во октомври е 4,82 насто. Стапката наменета за депозитите е на нивото од 2,20 насто, а годишната промена е за позитивни 0,13 процентни поени.
Што се однесува до месечните движења, во сегментот на кредитите трендот е ист, надолен, за 0,03 процентни поени. Во октомвриската статистика на Народната банка за состојбата во доменот на каматите, нотирано е дека во текот на месецот се зголемила просечната стапка на новоодобрените задолжувања – за 0,02 п.п., која изнесува 4,49 проценти. На годишна основа е намалена за 0,32 п.п.
Кај депозитите, пак, не се забележани месечни поместувања. Всушност, варијации има кај просечната стапка на новопримените депозити: плус 0,11 п.п. на месечно и минус 0,50 п.п. на годишно ниво, а достигнува 2,34 насто.
За кредитите што ги користат домаќинствата во октомври се пресметувала просечна стапка од 5,21 насто, намалена за 0,03 п.п., затоа што се случил пад на каматите за денарските кредити без и со валутна клаузула, како и на кредитите во странска валута. Годишно, стапката е пониска за 0,45 п.п.
Просечната стапка на новоодобрените кредити на граѓаните има месечен раст од 0,05 п.п. и досега 4,66 проценти. Се должи на повисоките камати утврдени за задолжувањата во девизи, но и во денари со валутна клаузула. Намалување има во однос на ланскиот октомври, за 0,51 п.п.
Минатиот месец немало промена кај стапката за вкупните депозити на населението, која останала на 2,14 проценти. Разлика од плус 0,12 п.п. има на годишна основа. Но, и месечен и годишен пад има кај стапката на новите депозити доверени во банките, за 0,09 п.п, односно за 0,53 п.п. „Промената во целост произлегува од пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,13 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,23 п.п.)“, велат од НБ. Инаку стапката е 2,36 проценти.
Корпоративниот сектор за кредитите во октомври плаќал просечна стапка од 4,43 насто, проселедна со месечен пад од 0,03 и годишен за 0,66 п.п.
Каматната стапка на новоодобрените кредити за компаниите се зголемила во октомври за 0,01 п.п. и изнесува 4,37 насто. Намалувањето е на годишна основа, за 0,28 п.п.
Минимални 0,01 п.п. е повисока просечната стапка што ги опфаќа вкупните депозити на овој сектор, при што годишната промена е за плус 0,19 п.п. Таа стапка изнесува 2,61 насто.
Октомвриската стапка за новите депозити од компаниите била 2,32 насто. Тука е остварен месечен раст од 0,59 п.п и годишен пад од 0,43 процентни поени.
Аналитика








