ПОВЕЌЕ

    Паѓа добивката на најпрофитните државни компании – За една година се стопени над 30 милиони евра

    Време зa читање: 7 минути

    Влошена е општата слика за профитабилноста на десетте компании во државна сопственост што се издвојуваат со највисоки добивки. За една година вкупниот профит опаднал за речиси 22 отсто, и на крајот од 2024 достигнува 110,2 милиони евра, што е над 30 милиони евра помалку од претходниот заеднички резултат.

    Веројатно, ова е директно поврзано со фактот дека пет од државните претпријатија каде што има големи пари, одработиле пониска добивка. Меѓу нив е и Јавното претпријатие за државни патишта, каде што има минус од 34,76 отсто. Сумата во ова претпријатие паднала од 96 милиони (2023 година) на 62,7 милиони евра (2024 година).

    Исто така, пет претпријатија имаат намалување на приходот, а заедничкиот износ е помал за 1,33 отсто (579,7 милиони евра). Притоа, нивната екипираност речиси не е променета, односно има намалување од 0,20 отсто. Во фирмите коишто важат за партиски прибежишта лани биле вработени 4.034 лица, а само 84 од нив се соочиле со намалување на просечно исплатената плата. Тоа им се случило на вработените во Номагас. Во другите компании, зголемувањата се движеле од 7 до 23 насто. Просекот бил најнизок (570 евра) во ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, а највисок во Агенција за цивилно воздухопловство (1.580 евра).

    Порталот Пари направи анализа какви се ефектите од работењето на најуспешните компании во државниот сектор. Кој паднал, а кој се подигнал? Има и бројки што зачудуваат, затоа што не се совпаѓаат со претставата што ја има јавноста.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПАРИ СЕ ЛЕПАТ ЗА ДРЖАВНИТЕ ПАТИШТА И ЗА ЛОТАРИИТЕ

    Веќе рековме, ЈПДП нема конкуренција во висината на добивката. Истата констатација важи и за остварениот приход од 217,3 милиони евра, чија годишна промена е позитивни 4,03 насто. Ова претпријатие е во редот и на поголемите работодавачи, со тоа што во текот на минатата година тимот бил зголемен со 149 нови колеги (+ 42,33 %) и броел 501 лице. Паралелно со тоа, пораснала и просечната плата од 750 на 860 евра (+ 15,20 %). Оттука, може да се претпостави дека нагорните промени кај последниве два чинители се една од причините за падот на профитабилноста.

    Се вели дека во сиромашни општества лотариите и игрите на среќа се гледаат како спасоносна сламка. Во македонскиот случај, на втората и третата позиција најпрофитабилни компании под капата на државата се Државна видеолотарија – Касинос Аустриа и нејзиниот косопственик Државна лотарија.

    Основната дејност на првата е организирање и приредување електронски и интернет-игри на среќа, од каде што лани била обезбедена добивка од 19,52 милиони евра, за незначителни 0,06 отсто пониска од таа во 2023 година. И Државната видеолотарија е една од фирмите со намален приход – минусот е 5,22 отсто, а износот е 85,4 милиони евра. За извршување на работите се потребни 34 вработени и тука нема никакви промени, освен кај просечната плата: зголемена е за 15,52 насто, од 1.070 на 1.240 евра.

    Еден милион евра (+ 12,42 %) е поголема добивката на Државна лотарија, која лани изнесувала 8,9 милиони евра. Лото 7 и грепките придонеле ова претпријатие да се издвои по највисокиот процентуален раст на приходот, од 102 насто, додека сумата е 38,1 милион евра (18,8 милиони во 2023 година). Околу игрите на среќа се ангажирани 75 лица, чија просечна плата лани била 940 евра (+ 23,06 %). Според овие параметри, Лотаријата е една од најуспешните државни компании во 2024 година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НА ДОБИВКАТА НА ЈСП НЕ Ѝ ФАЛИ ГОРИВО – ПОРАСНАЛА ЗА 551 НАСТО

    Операторот што ја пренесува струјата и управува со електропреносниот систем се наоѓал под финансиски притисок: забележал двоен пад кај профитот и приливите на средства, а, од друга страна, човечките ресурси и трошоците за нив нараснале. Добивката на Мепсо е за 42,54 отсто пониска споредено со преклани, при што се работи за апсолутен износ од 7,7 милиони евра. На тоа му претходело намалување на приходот за над 23 отсто, кои на крајот од 2024 година изнесувале 107 милиони евра. Во меѓувреме имало 51 ново вработување (+ 8,87 %), а просечните примања биле зголемени за речиси 15,5 насто (960 евра).

    Автобусите на ЈСП Скопје имаа проблем со гориво. Добар дел се стари и не се во возна состојба. Чекајќи на постојките, скопјани правеа спонтани собири на револтирани граѓани. Но, од секое лошо ќе излезе нешто добро, а за ова претпријатие тоа е растот на добивката. Ако преклани се броело на „ситно“ (462,2 илјади евра), лани нештата се промениле. Профитот се зголемил за 551,38 насто и се заокружил на 3 милиони евра. Приходот се намалил за 3,61 отсто (32,4 милиони евра). ЈСП е и претпријатието со најмногу вработени (1.086) и со најголем пад во овој дел (‒ 13,54 %). Платите имале просек од 610 евра (+ 18,52 %).

    Прекланската загуба од 9,5 милиони евра, ЕСМ Дистрибуција на топлина лани ја трансформирало во добивка од 2,4 милиони евра и тоа во услови на намален приход за 5,13 отсто (40,7 милиони евра), зголемен број на вработени за 10 насто (187) и повисоки плати за 14,46 насто (750 евра).

    Извор: Бизнис Мрежа

    САМО ВО НОМАГАС ПЛАТАТА ПАДНАЛА, НО МИНИМАЛНО

    По ЈСП, акционерското друштво во државна сопственост за пренос на природен гас – Номагас, е второ со раст на добивката од безмалку 84 насто. Од 1,2 милиони евра, добивката се зголемила на 2,3 милиони евра. Зголемен е и приходот (+ 9,36 %), кој на крајот од 2024 година изнесувал 7,9 милиони евра. И овде имало недостиг од работна сила, која била зајакната со седум вработувања (+ 9,09 %), по што тимот броел 84 лица. Погоре е споменато дека ова претпријатие е исклучок со намалените просечни плати за 1,85 отсто, од 920 на 900 евра.

    Тројно намалување го одбележало работењето на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. Минусот кај добивката е 6,55 отсто (1,5 милиони евра), кај приходот е 9,21 отсто (24 милиони евра), а кај вработените над 5 отсто (729). Само кај платите има нагорно движење од 9,15 насто, што претставува дополнителни 50 евра и просек од 570 евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    МРТ Е ПОПРОФИТНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ЦИВИЛНО ВОЗДУХОПЛОВСТВО

    Не само што е во десетте најпрофитни претпријатија, туку државниот јавен сервис заработил поголема добивка од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Македонската радиотелевизија е на претпоследното место, а АЦВ зад неа.

    И МРТ е претпријатие коешто застанало на нозе по претходно регистрираната загуба (2,1 милион евра). Лани остварила добивка од 1,4 милиони евра. Успехот бил проследен со приливи на средства од 22,2 милиони евра (+ 36,49 %). Веројатно тој подем, заедно со помалиот број вработени за 4,7 отсто (630), придонеле за зголемување на платите. Со додадените 17,4 насто, просекот дошол до 800 евра.

    Агенцијата за цивилно воздухопловство, којашто често е на радарот на јавноста поради (не)успешните обиди за вработување на некомпетентни партиски кадри, е единствената во елитното државно друштво со добивка што се мери со илјади евра. Но, затоа има највисок просек на месечните примања. Лани профитот се намалил за близу 6,5 отсто и изнесувал 752,1 илјада евра. Приходот бил повисок за 7,3 насто (4,7 милиони евра). Пополнети биле 7 работни места (82), а платите се зголемиле за 7 насто. Просекот е 1.580 евра.

    Сите овие податоци се како парчиња од сложувалка што ја прават големата слика за тоа каков стопан на јавното добро е државата.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично