Секој ден од минатата работна седмица се подарувале мали количини акции, при што на крајот Централниот депозитар за хартии од вредност регистрирал вкупна бројка од 858 хартии од вредност. Го носат знакот на 11 друштва што котираат на Македонска берза.
Најчести биле нетрговските трансфери со акциите на Окта. Имало три со вкупно 108 акции: во првите два дена од неделата по 30 и 38, како и 40 во петокот. Овие акции имаат просечна берзанска вредност од 4.900 денари.
Акциите на пет друштва се транферирале на двапати.
Осум акции на Макпетрол ја смениле сопственоста во понеделникот, а три во средата. Ова е една од најтргуваните акции, чија просечна цена е 116 илјади денари.
Процесот го минале и 314 акции на Тутунски комбинат Прилеп: на почетокот од седмицата 134, а на крајот уште 180. Со тутунските акции не е тргувано од јуни, а цената е 290 денари.
Во два последователни денови е извршен пренос на акции на Алкалоид, прво една, а потоа уште 40, чија просечна цена е 25.646 денари.
Слично е и со акциите на Гранит, во вторникот е заведена една, а утредента 228 обични акции. Имаат просечна цена од 1.620 денари.
Во два наврати – прво една, а потоа четири – е вршен трансфер на акции издадени од Фершпед. Ниту со нив не се тргува често, 22 трансакции во 52 недели, а просечната цена е 53 илјади денари.
Единствените банкарски акции во минатонеделните нетрговски трансфери се подарените 79 на ТТК Банка.
Статистиката забележала и пет трансфери со по 13 акции. Тоа се однесува на хартиите од вредност издадени од Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп, Тетекс АД Тетово, Уготур АД Скопје, РЖ Економика АД Скопје и РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје.
Пренос е направен и на пет акции од РЖ Техничка контрола АД Скопје, како и на една обична акција од ЗК Пелагонија АД Битола.
Аналитика








