Во нетрговските трансфери реализирани минатата недела регистрирани се 1.496 обични акции издадени од 12 друштва.
Најбројни се акциите на РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје – 350. Со акциите на траспортната компанија не се тргувало последниве 52 недели, а историските берзански податоци покажуваат дека нивната просечна цена е 20 денари.
Од најтргуваните акции на Македонска берза, со знакот на Комерцијална банка, подарени се вкупно 224 акциии во три наврати: понеделник – 40, среда – 14, четврток – 170 обични акции. Просечната цена постигната во петокот е 27.676,68 денари, со дневен раст од 0,92 насто.
Статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност бележи нетрговски преноси и на други три банкарски акции. Се работи за 182 акции на Стопанска банка Скопје, со вкупна вредност од над 8.200 евра (просечна цена 2.794 денари). Потоа за 20 на НЛБ Банка вредни 18,7 илјади евра, со просек за акција од 57.489,05 денари. И за пет обични акции од ТТК Банка, чија просечна единечна цена е 1.610 денари.
На двапати во текот на минатата работна седмица се евидентирани преноси на 230 акции од Тутунски комбинат АД Прилеп: во вторникот 117 и утредента уште 113 обични акции. Малубројни се тргувањата со овие хартии од вредност, шест во период од една година, а просечната цена е 290 денари.
Исто така, во податоците на ЦДХВ двапати го има и Макпетрол со 20 и со 40 обични акции. Акцијата има просечна вредност од 116.400,60 денари, постигната во петокот, проследена со дневен раст од 0,35 насто.
Сопственоста на овој начин е сменета и кај 113 акции на ВВ Тиквеш АД Кавадарци, 103 на Македонски Телеком и 100 на Хотели Метропол АД Охрид.
Подарени или наследени се и 57 обични акции издадени од Алкалоид АД Скопје, како и 52 обични акции на Макпромет АД Штип.
Аналитика








