Членството во СЕПА претставува голем исчекор во осовременување на домашниот финансиски систем. Граѓаните и компаниите веќе можат да вршат плаќања во евра кон земјите од ЕУ и кон другите членки на единствената европската зона за плаќања. Пристапот до овој простор е обезбеден преку деветте банки чии апликации ги одобри Европскиот совет за плаќање. Во платежната шема за кредитни трансфери што се оперативни во СЕПА, до крајот на годинава треба да се приклучат и останатите три банки.
Главната придобивка е намалувањето на трошоците и провизиите, бидејќи плаќањата ќе се извршуваат по истите важечки правила во земјите од ЕУ. Времето за извршување на трансакциите ќе се скрати, што значи дека уплатите и префрлувањата на средства ќе стигнуваат во рок од еден работен ден.
„Ова значи дека земјава практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија. Од членството во СЕПА се очекуваа бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Пред сѐ, се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Клучниот чекор за спроведување на оваа реформа, како што посочи, беше донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, подготвен од Минитерството за финансии и предложен на Владата, како и подзаконските акти кои Народната банка ги усвои за имплементација на овој Закон.
„Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, прилагодувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските. Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформи насочени кон економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите“, рече министерката.
За бизнисите, во практиката тоа ќе значи дека ќе имаат поефикасно управување со готовинските текови, полесен пристап до европските партнери и можност за поедноставено фактурирање, при што се елиминираат административните пречки. Граѓаните ќе можат полесно да праќаат и да примаат пари без високи банкарски трошоци. Банките и финтек компаниите ќе имаат поголем простор за развој на дигитални плаќања и нови иновативни услуги. Зашто, СЕПА значи усогласување со европските стандарди, што го олеснува интегрирањето на македонскиот финансиски систем со европскиот. Или, СЕПА ја прави Европа една зона за плаќања во евра, а од денес и Македонија е дел од тој заеднички пазар на финансиска поврзаност.
Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули лани, а на 6 март годинава беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања за приклучување на СЕПА, со што се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра. Станува збор за регион кој опфаќа 41 земја од Европа.