ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I БОРЧЕ ТРЕНОВСКИ: Вистинското прашање е кога ќе достигнеме одржлива стапка на раст од пет насто

    Време зa читање: 7 минути

    Во време кога македонската економија се соочува со бројни предизвици, од зависноста од увоз и извоз, преку неформалната економија, па сè до потребата од стабилни институции и системски реформи, прашањето за одржлив раст од пет насто е секогаш актуелно. Дали е тоа реална цел или далечна амбиција? Кои се предусловите за градење стабилна економија што ќе донесе подобар животен стандард за граѓаните и конкурентност за бизнисите?

    За овие прашања разговаравме со универзитетскиот професор Борче Треновски, кој во интервјуто за Пари ги сподели своите ставови и анализи за клучните фактори што ја обликуваат економската иднина на земјата.

    Интервјуто е дел од серијата разговори во рамки на конференцијата „Бизнис Лидер“, која ги обедини највлијателните лидери во Македонија со цел размена на идеи, визии и вредности за иднината на бизнисот.

    ПАРИ: Според бројките, економијата се раздвижува и расте со стабилно темпо. Колку е реално Македонија да постигне континуиран раст од пет проценти и што треба да се направи за тоа?

    ТРЕНОВСКИ: Видете, прашањето за тоа дали можеме да достигнеме пет проценти не е ново, тоа е старо прашање што се поставува од време на време, а понекогаш и почесто. Вистинското прашање не е „дали“ ќе достигнеме, туку „кога“ ќе достигнеме одржлива стапка на раст од пет проценти. Тоа значи барем на среден рок да имаме стапка на раст која е приближна, блиску или над пет насто. Само таквата одржлива стапка ќе може да се почувствува врз животниот стандард на граѓаните, врз бизнис-климата и врз подобрувањето на целокупната благосостојба во нашата економија.

    За да ја оствариме таа одржлива стапка, треба да знаеме дека има повеќе фактори. Прво, ние сме мала и отворена економија, и затоа лесно може да се појават флуктуации на стапката. Односно, некои мали економски промени можат да влијаат врз привремено зголемување.

    Не треба да заборавиме дека како мала и отворена економија силно зависиме и од странските директни инвеститори, и од нашите трговски партнери. Ако ја погледнеме нивната економска активност, ќе видиме дека нашата се движи приближно слично. Тоа значи дека не можеме целосно да го намалиме ефектот од глобалните случувања врз нашата економија. Кога таму има проблеми, тоа директно се одразува и врз нас. Тука можеме само делумно да го ублажиме влијанието, но не можеме целосно да го избегнеме. Тоа се првите два фактори.

    Понатаму, имаме определена ранливост во постигнувањето на стапката од пет проценти. Силно сме увозно зависни, но и силно извозно зависни. Концентрацијата и во извозот и во увозот е мала. Тоа значи дека во неколку производи сме извозно ориентирани, а најголемиот дел од извозот оди во неколку земји, како што е, на пример, Германија.

    Кога сте во таква ситуација, веќе сте силно ранливи на флуктуациите и на тие производи, и на тие земји. Затоа мора да има диверзификација. Истото важи и за увозот, дел од инпутите и суровините се силно увозно зависни. Тоа ги зголемува цените и влијае на економијата. Тоа се надворешните фактори.

    Ако ги земеме внатрешните фактори, таму исто така имаме повеќе предизвици. Една од првите работи за која најчесто се зборува, а што го намалува потенцијалот за раст, е неформалната економија. Според нашите проценки таа изнесува од 23 до 30 проценти, односно приближно една третина. Некои дури претпоставуваат дека е и поголема.

    Неформалната економија влијае врз бизнис-секторот, врз пазарот на труд, врз фискалните давачки и врз полнењето на буџетот. Нашата анализа покажа дека ако се намали значајно т.е барем за една третина, стапката на раст може да се зголеми. Тоа е голем неискористен резервоар кој го дестабилизира пазарот и влијае врз сите сектори.

    Неформалната економија е само еден фактор. Вториот, според сите предвидувања, е поврзан со институциите и со владеењето на правото. Без соодветна бизнис-околина, предвидливо законско окружување, квалитетни институции и намалување на корупцијата, на среден рок тоа ќе остане клучен ограничувачки фактор за нашиот раст.

    Ние покажавме дека ако тоа не се намали на среден рок, никогаш нема да ја надминеме сегашната стапка на раст.

    Третиот фактор е системот на уредување, децентрализацијата и капиталните инвестиции. Видовме дека делот на капитални инвестиции е исклучително проблематичен. Тој дел е како „крвна слика“ за економијата, бидејќи тестира сè, од јавните набавки и планирањето, до мониторингот, реализацијата, спроведувањето на терен и изборот на проекти. Но, тука имаме уште многу работа.

    Оваа тема одамна постои, но сè уште сме останати во истата состојба. Не смееме да заборавиме уште еден фактор, а тоа се човечкиот капитал и ресурсите. Тука се образованието, здравството и сите социјални сектори. Мораме да инвестираме повеќе во нив, особено во образованието и здравството.

    Миграцијата е директно поврзана со овие фактори. Ако немаме доволно работна сила, цената расте, продуктивноста опаѓа и така натаму. Сите овие фактори се системски и само преку нив може да се постигне повисока стапка на раст. Не се работи за една промена, туку за цел пакет на промени што треба да ги направиме. Поединечно зголемување секогаш треба да се охрабри и поздрави, но мораме да работиме на среден и долг рок за вистински резултати.

    Инфлацијата е исто така секогаш актуелна тема. Нестабилните цени се постојан предизвик.

    ПАРИ: Што најмногу ја предизвикува неформалната економија?

    ТРЕНОВСКИ: Повеќе фактори. Тоа е поврзано со социјалната состојба и нивото на доход на граѓаните. Дополнително, имаме наследени проблеми од претходниот систем и приватизацијата, имаме слаби инспекциски служби, некоординирани царински политики, како и непредвидливост при носење на политики од страна на државата.

    Кога има недоверба во политиките, тоа го стимулира бизнис-секторот да работи во неформалниот дел. Инспекциските служби, како што рековме, не се доволно адекватни и силни за да ја спроведат својата работа и да ги наплатат давачките.

    Да не заборавиме, голем дел од населението живее близу до линијата на сиромаштија или со низок доход. Така што, неформалната економија има и силна социјална компонента, не само економска.

    ПАРИ: Кои мерки се потребни за стабилизација на цените на среден рок?

    ТРЕНОВСКИ: Одлично прашање. Видовме дека инфлацијата повремено расте на малопродажниот пазар. Во изминатиот период бевме сведоци на влијанието на глобалните случувања врз цените, глобалното зголемување на инфлацијата, енергентите, последиците од Ковид-кризата, конфликтот во Украина и така натаму. Имавме ситуација во која цените флуктуираа, главно поради тоа што сме увозно зависни. Влијанието беше директно.

    Сега сме во период кога инфлацијата благо се намалува. Во ЕУ и во САД таа сè уште е на повисоки нивоа. Ако ги погледнеме пазарите на труд и нивните инфлациски притисоци, ќе видиме дека нивните потенцијали и среднорочни прогнози за раст се скромни за следниот период.

    САД успеа да ја стабилизира инфлацијата на среднорочно ниво. Кај нас, пак, има и надворешни и домашни фактори. На домашен план тоа се движењата на фискалните варијабли – плати, цени, доход.

    Дел од инфлацијата е поврзана со базичните фактори, дел со очекувањата на субјектите. Последниот квартал најголемото зголемување беше кај овошјето и зеленчукот, дел од маслата и шеќерите, како и кај услугите: култура, здравство, фризерски услуги, одржување на домот, мебелот, каде што понудата на услуги и расположливата работна сила имаат големо влијание.

    Значи, што треба да се направи? Потребни се среднорочни структурни и системски промени за стабилизирање на цените. Прво, мораме да размислуваме за намалување на ранливоста од надворешни фактори, намалување на концентрацијата на увозот и извозот по земји и производи и стимулирање домашно производство, особено на енергија и храна.

    Второ, треба да анализираме дали субвенциите се ефикасни и колкава е зависноста од увозни инпути. Исто така, да видиме дали царинските стапки дополнително го оптоваруваат домашното производство.

    Трето, потребна е поголема предвидливост и конзистентност на мерките, системска промена и јасна стратегија за среднорочна стабилизација на цените.

    Фискалната и монетарната политика мора да останат стабилни. Инспекциските служби треба да спречат монополско однесување и манипулации со цени. Потребно е да се зголеми конкуренцијата, особено во сегментите каде што доминираат големите трговски синџири, а да се овозможи влез и за помали.

    Само со ваков пакет мерки – 30, 40, 50 мерки кои ќе се спроведат во наредните години може да постигнеме стабилност. Во спротивно, при следната глобална или европска криза, повторно ќе се најдеме во многу понеповолна позиција отколку пред неколку години.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично