ПОВЕЌЕ

    ТАКСА ОД 100.000 ДОЛАРИ ЗА АМЕРИКАНСКИОТ СОН: Политиката на Трамп ја кочи имиграцијата

    Време зa читање: 4 минути

    САД ја потресе новата одлука на Доналд Трамп – такса од неверојатни 100.000 долари за апликации за виза H-1B, што претставува повеќе од шеесеткратно зголемување на досегашните трошоци и директен удар врз компаниите кои со години се потпираат на странски експерти за да ги пополнат празнините во висококвалификуваните занимања. Прогласот, потпишан во петокот и стапен на сила веќе во недела, ја потресе технолошката индустрија и предизвика лавина реакции, сомнежи и стравувања околу иднината на еден од најважните имиграциски програми на Америка.

    Програмата H-1B, воведена во 1990 година од администрацијата на Џорџ Буш постариот, им овозможува на американските компании да вработуваат високообразовани професионалци во области како ИТ, инженерство, здравство и образованието. Годишно се доделуваат 85.000 визи преку систем на лотарија, од кои 20.000 се резервирани за лица со напредни дипломи. Денес, според проценките, во земјата живеат околу 730.000 носители на H-1B виза и уште 550.000 нивни издржувани лица, што претставува заедница од речиси 1,3 милиони луѓе.

    Досега, трошоците за компаниите што аплицираат изнесуваа од 1.700 до 4.500 долари, плус такса за регистрација и правни трошоци. Новата сума од 100.000 долари е наметната директно на работодавците, со аргументот на Белата куќа дека визите се „злоупотребуваат“ за да се намалат платите на Американците и да се изнесуваат работни места во странство. „Или лицето е навистина вредно за компанијата и за Америка, или ќе замине, а компанијата ќе вработи Американец. Престанете со глупостите,“ изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник, бранејќи ја одлуката.

    Но зад оваа жестока реторика стои економска реалност што ги вознемири компаниите и економистите. Големите технолошки корпорации – Amazon, Google, Meta, Microsoft и Apple – се меѓу најголемите корисници на програмата, со илјадници вработени донесени преку H-1B. Во првата половина од 2025 година, само Amazon добил повеќе од 10.000 визи, додека Microsoft и Meta по над 5.000. Две третини од сите H-1B визи се во компјутерски и ИТ улоги, што ја прави технолошката индустрија најпогодена.

    Одлуката предизвика паника во Силиконската долина – дел од компаниите ги предупредија своите вработени да не патуваат надвор од земјата поради неизвесност околу повторниот влез. Белата куќа мораше да излезе со брзо појаснување дека таксата важи само за нови апликанти, а не за тековните носители на визи или за обновувања.

    Индиската влада, чијшто кадар сочинува дури 71% од сите H-1B визи минатата година, остро реагираше, предупредувајќи на „хуманитарни последици“ за семејствата и потенцијално нарушување на билатералните односи. „Тие малку се плашат од нашиот талент. Ние немаме забелешки на тоа,“ изјави индискиот министер за трговија Пијуш Гојал. Веста веднаш се одрази и на берзата – акциите на гигантите Infosys и Tata Consultancy Services паднаа за околу 3%.

    Економистите во меѓувреме предупредуваат дека ова е класичен пример на „политика против раст“. Атакан Бакискан од инвестициската банка Бeренберг изјави дека со ваков чекор САД ризикуваат „одлив на мозоци“ и значително намалување на продуктивноста. Банката веќе ја намали својата прогноза за растот на американската економија од 2% на 1,5%, а Бакискан предупреди дека и тоа наскоро може да изгледа премногу оптимистички.

    Реакциите во бизнис светот се поделени. Некои, како ко-основачот на Netflix, Рид Хејстингс, ја поддржаа мерката со аргумент дека ќе ја елиминира лотаријата и ќе ги насочи визите кон „највредните работни места“. Но повеќето технолошки компании одбраа да молчат, испраќајќи само интерни меморандуми до своите вработени.

    Оваа неочекувана експлозија на трошоци отвора прашања за иднината на глобалната конкурентност на Америка. САД со децении ја градеа својата предност врз основа на привлечноста на таленти од целиот свет. Сега, со такса од 100.000 долари, ризикуваат да ги одбијат токму тие умови што ја туркаа економијата кон иновации и развој. Дали ова ќе доведе до посилна домашна работна сила или пак ќе ја забави машината на американскиот раст? Одговорот ќе се почувствува многу побрзо отколку што Трамп и неговите сојузници можеби очекуваат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично