ПОВЕЌЕ

    НА СКОПЈЕ МУ СЕ СЛУЧУВА ЕКОЦИД – но, кој и како ќе го докаже?

    Време зa читање: 7 минути

    Скопје утринава се разбуди со информации за уште еден случај на пожар, овојпат во сервис за возила крај некогашна скопска Стакларница, во населбата Пинтија, настан кој се надоврза на цела низа катастрофални пожари на депонии и складишта, кои се случуваа во тек на само неколку дена, во непосредна близина на главниот град.

    ДАЛИ СКОПЈЕ ГО ТРУЈАТ ЕКО-ТЕРОРИСТИ?

    Пожарот, кој избувнал околу 4 часот наутро, е изгаснат со интервенција на Противпожарната единица некаде околу 6 часот, а се појавија и засега неверификувани видео снимки од надзорни камери каде се гледа лице во светла тренерка, со качулка на главата, кое најпрвин полева со течност поголем број на паркирани возила, а потоа тие се палат.

    Во сервисот имало автомобили, масло и запаливи материјали, информираат надлежните и нивното горење предизвика густ чад и отровни испарувања и тоа само два дена откако во пожар, за кој исто така се сомнева дека бил подметнат, изгоре склад за електронски отпад и батерии во скопско Трубарево, а од пожарот, кој траеше со часови, црн облак на густ, леплив чад се прошири на добар дел од скопската котлина, носејќи со себе силна непријатна миризба и ослободени токсични честички од изгорените материјали.

    Само неколку дена претходно гореше скопската депонија Дрисла, на која, исто така, освен вообичаениот отпад од домаќинствата, се депонира и пластика, отпадни гуми, тексти, масла и други материи чиешто согорување предизвикува енормно загадување и претставува сериозна опасност доколку се вдишува чадот, а горењето на оваа и другите депонии (во јули исто така се случија потпалувања на неколку диви депонии, од кои најсериозен беше пожарот на депонија во Визбегово).

    Дали Скопје е мета на еко-тероризам, како што тврдат претставниците на власта и кој стои зад овој сериозен атак врз здравјето на граѓаните, треба да покажат истрагите на сите поединечни инциденти.

    ЕКОЦИДОТ ТРЕБА ДА СЕ ДОКАЖЕ ЗА ДА ИМА КАЗНИ

    Македонија годинава, со измени во Кривичниот законик за првпат воведе кривично дело „екоцид“, а обвинет сторител за ова дело ќе се соочи со затворска казна од 10 години до доживотен затвор. „Тој што спротивно на прописите, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор“, гласи новиот член за екоцид во новиот Кривичен законик (КЗ).

    Но, додека јавноста очекува резултати од истрагите за причините и причинителите на овие еколошки инциденти согорување на депонија со ваков вид отпад (пластика, гуми, батерии, електроника, масла и сл.),треба да се напомене дека целосна слика за тоа што му се случи на Скопје по избувнувањето на овие пожари и какви последици од нив има по нашето здравје, покрај стандардните загадувачи што се мерат (PM₂.₅, PM₁₀, SO₂, NOₓ, CO, O₃), потребно е да има мерење на вредностите и на специфични токсични материи што директно се ослободуваат при горење на ваков отпад.

    За да се докаже екоцидот, веројатно ќе бидат потребни прецизни мерења на голем број на параметри на загадување во воздухот, но, кој ќе ги измери? Според сегашната состојба, ниту една државна институција, која би требало да има капацитети да ја докаже сериозната или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, како што налага законот и квалификацијата на делото – екоцид, не располага со методи кои прецизно ќе ги измерат вредностите на индикаторите на загадување кои се типични за пожари на депонии.

    На самиот ден на избувнувањето на пожарот во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“, Трубарево, не е измерена радијација во Трубарево а во непосредна близина е измерена висока концентрација на штетни супстанции, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Беше кажано и дека, според мерните единици на специјалната единица на Министерството за одбрана, на 200 метри од центарот од пожарот загаденоста е ниска, а на 400 метри нема загадување.

    Од Институтот за јавно здравје излегоа со соопштение дека ИЈЗ не прави физичко-хемиски анализи, туку дека ќе спроведе мониторинг на квалитетот на воздухот, почвата и водата, на радијацијата во воздухот. „Според нашите анализи и сознанија во моментов нема отстапувања од минимумот на параметрите за радиоактивност во воздухот“, беше соопштено. Но, што е со останатите, далеку поиндикативни мерења за присуство на токсични честички во воздухот, кои ИЈЗ не ги мери, а кои би го докажале екоцидот?

    ШТО СЕ МЕРИ, А ШТО НЕ СЕ МЕРИ, И ЗОШТО?

    На официјалниот портал на Министерството за животна средина и просторно планирање (MOEPP) е објавена листа на државни автоматски мониторинг-станици; од таа листа може да се види дека во националната мрежа има 23 фиксни станици (агломерации/градски локации) и 2 мобилни станици (вкупно 25 локации во листата). На страниците за секоја станица е наведено кои супстанции се мерат — за голем дел од фиксните станици е јасно наведено дека се мерат и PM10 и PM2.5. (MOEPP: опис на мониторинг-станиците).

    Од друга страна, единствената државна лабораторија, Централната лабораторија на Министерството за животна средина сѐ уште не е акредитирана за ниту една метода за следење на квалитетот на воздухот. Причина бил недоволниот број на вработени, потребни според меѓународните стандарди за лабораторијата да ги исполни условите за акредитациите. Поради тоа, надлежните инспекции не нарачуваат мерења од државната лабораторија, што повлекува недоволно опремување со нови инструменти за мерење, а за возврат, нема ниту квалитетни мерења на загадувачи од страна на независна, државна институција, кои се неопходни за идни судски случаи за докажување на еколошки криминал или екоцид.

    Според стручната литература, клучни дополнителни параметри за мерење се:

    Тешки метали во воздухот (во честичките): Олово (Pb), Кадмиум (Cd), Жива (Hg), Арсен (As) и Никел (Ni).Овие метали се ослободуваат при согорување на батерии, електронски отпад, гуми и се многу токсични, дури и во мали концентрации.

    Диоксини и фурани (PCDD/F): Супер токсични соединенија што се создаваат при согорување на пластика, гуми, масла, електроника. Се мерат со специјализирани методи (не континуирано, туку со земање примероци и лабораториска анализа).

    Полициклични ароматични јаглеводороди (PAHs): Настануваат при непотполно согорување на органски материи (пластика, гуми, масла). Познати канцерогени (најчесто се следи бензо[a]пирен).

    Испарливи органски соединенија (VOCs) Вклучуваат бензен, толуен, ксилени, формалдехид и др. Согорување на пластика и масла испушта многу VOCs, некои канцерогени.

    Хлороводород (HCl) и флуороводород (HF) Особено при согорување на PVC пластика и гуми. Агресивни гасови што го влошуваат респираторниот систем.

    Амонијак (NH₃) и нитрати. Може да се создадат при согорување на одредени отпадни материјали, придонесуваат за секундарни честички (PM).

    Поради тоа што сите овие индикатори за загадување од согорен опасен отпад не ги мери ниту една институција во Македонија, нема јасна слика за тоа на колку и каков вид на отрови се изложени граѓаните во деновите на пожарите и којзнае колку денови по нив. Според стручната литература, ако мерната станица мери само PM₂.₅ и PM₁₀, тоа ќе покаже колку има честички, но не и од што се составени.

    При вакви пожари, честичките можат да содржат тешки метали, органски токсини, канцерогени соединенија — а тоа е далеку поопасно од самата маса на честички. Затоа, потребна е комбинација на континуирани мерења (PM, SO₂, NO₂, CO) и периодични лабораториски анализи за диоксини, фурани, PAHs и тешки метали, што во Македонија не се прави.

    Југослава Дуковска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично