ПОВЕЌЕ

    На 12 септември: Инвеститорски ден на Берзата – по шести пат

    Време зa читање: 2 минути

    И овој септември граѓаните добиваат ден за бесплатно тргуваат со хартии од вредност. Идниот петок по шести пат ќе се одржи Инвеститорскиот ден, во организација на Македонска берза. Продажбата и купувањето акции ќе се одвива без плаќање провизии, односно без пресметување на трошоците што вообичаено ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници – Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност, банките и брокерските куќи. Единствениот лимит е да се направи промет до максимум 10 илјади евра.

    „Со цел промовирање на уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава, Берзата на 12.09.2025 година (петок), по шести пат го организира настанот Инвеститорски ден“, информираат од Македонска берза.

    Воедно, посочуваат на упатствата и условите што ќе важат тој ден. Инвеститорите треба да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, а со посредство на некоја од членките на Берзата. Без оглед на бројноста на реализираните трансакции, износот на дневниот промет по индивидуален инвеститор не смее да изнесува повеќе од десет илјади евра. Исто така, трансакциите треба да се склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

    Од Македонска берза истакнуваат дека „системските и администраторски блок трансакции, јавните понуди и јавните берзански аукции се исклучени и се наплатуваат стандардно“.

    Во одржувањето на Инвеститорскиот ден се вклучени Централниот депозитар за хартии од вредност и сите членки на Берзата: Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер, Шпаркасе банка и Халк банка. Оваа иницијатива ја има и поддршката од Комисијата за хартии од вредност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично