На 1 септември се отворија вратите од основните и средните училишта, низ кои минаа 245 илјади ученици. Повеќе од една третина се средношколци. Во гимназиите и стручните средни училишта учат 67.200 млади. Меѓу нив, 17.230 ученици се „првачиња“ во средното образование. Знаењата ќе ги добијат од 6.709 професори. Сепак, можно е да има извесни отстапувања. Министерството за образование ќе располага со конечни бројки кон крајот од месецов, кога вообичаено општините ги испраќаат финалните извештаи.
Значајно е тоа што годинава има образовни асистенти за учениците на кои им се потребни. Оваа можност, односно неопходност, за првпат е вклучена во рамките на ова ниво од образовниот процес, а ангажирани се 130 асистенти.
Тоа не е единствениот новитет. Преку прирачник подготвен за наставниот кадар и за учениците, во наставата влегува вештачката интелигенција. Обезбедена е и поголема поддршка за талентираните, а за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.
БРОЈОТ НА УЧЕНИЦИ ЗА 10 ГОДИНИ Е НАМАЛЕН КОЛКУ ЕДНО ЈЕГУНОВЦЕ
Сепак, не е сѐ како што треба. Во средношколските клупи, исто како и во основните училишта, има сѐ помалку ученици. Со темпо – секоја година едно училиште помалку. Во периодот од една деценија се создала празнина, која инаку би требало да биде пополнета со 8.632 млади лица. Сликовито може да се опише – небаре заминале сите жители од Јегуновце. Толкава е разликата од запишаните 72.799 во учебната 2015/2016 година до тие 64.167 ученици во учебната 2024/2025 година. Податоците што ги анализира Пари се од базата Макстат на Државниот завод за статистика.
Во меѓувреме има осцилации на бројките прикажани како нето-стапки на запишување. Линијата на падот што се исцртува најмногу поради иселувањето од земјава, се прекинува двапати: во учебните 2018/2019 и во пандемиските 2020/2021 година, кога можностите за слободно движење беа ограничени.
Наставниот процес во учебната 2015/2016 година се одвивал со 80.295 средношколци. За десет години бројноста е проретчена и во 2024/2025 година е сведена на 67.143 ученици. Се работи за минус од 16,4 насто, односно за 13.152 ученици.
Македонски парадокс: Училишните клупи се празнат, платните списоци се дополнуваат
СОСТОЈБАТА Е НАЈАЛАРМАНТНА ВО ПОЛШКИОТ РЕГИОН
Најголемото процентуално намалување од 26,9 насто е регистрирано во Југоисточниот и Источниот Регион (‒ 26,3 %). Најниското релативно намалување, од 7,6 насто, е во Скопскиот Регион, кој, пак, од аспект на основците, е единствениот каде што се зголемува бројот на учениците.
Секаде, со исклучок на Вардарскиот Регион (989 ученици), во изминатата деценија бројот на средношколците е намален за над илјада. Како и во случајот со децата од основното образование, најголемите разлики се бележат во Полошкиот Регион: 2.598 ученици или ‒ 20,4 насто. Во апсолутни бројки Скопскиот Регион е во загуба од 2.021 ученик, Југозападниот ‒ 1.774, Источниот ‒ 1.629, Југоисточниот ‒ 1.582, Североисточниот ‒ 1.552 и Пелагонискиот Регион ‒ 1.007 средношколци.
ОСЦИЛАЦИИ ВО БРОЈНОСТА НА НАСТАВНИЦИТЕ И ПАРАЛЕЛКИТЕ
Општиот тренд е континуирано опаѓање на бројот на ученици, како последица на демографски пад и заминување од Македонија. Наспроти тоа, одредена стабилност се одржува во бројот на паралелките во средните училишта и во екипираноста на наставниот кадар. На тоа упатуваат статистичките показатели.
Во базата Макстат, во однос на паралелките, достапни се податоци од учебната 2018/2019 година. Тогаш имало 3.501, а во 2024/2025 година биле 3.452. Притоа, падот и растот речиси се наизменични во текот на тој период. Разликата од 49 паралелки не соодветствува со состојбата кај средношколците.
Исто како и во рамките на основното образование, така и во средното нема драстични промени во бројноста на наставниците или професорите како што им се обраќаат учениците.
Со текот на времето се прикажува раст што трае до 2018/2019 година, а оттогаш наваму движењата се удолни. Конкретно, во 2015/2016 година имало 7.341 наставник, во 2018/2019 се најмногу – 7.479, а за 2024/2025 година во статистичката евиденција се запишани 7.084 наставници, односно професори.
Апсолвирано е дека демографската криза директно се пресликува во образованието, прво во основното, а потоа автоматски се пренесува и во средното. Уште полошо, нема ни најмал знак дека нешто може да се смени во догледна иднина, а тоа претпоставува дека земјава ќе се соочи со уште поизразено празнење на училишните клупи, што од своја страна ќе ги зголеми и административните и финансиските предизвици за училиштата. Освен тоа, ќе ги продлабочи и проблемите поврзани со работната сила и воопшто, со економијата.
Причините за иселувањето, за одливот на мозоци и работници, за стареењето на нацијата итн. се општопознати. Промените нема да се случат по рецептот раѓање повеќе деца. Потребен е добар рецепт што ќе успее да ги задржи дома и возрасните и новородените.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска