Во последната епизода од првата сезона на New Biz Podcast, Наташа Божиновска Миркова споделува што значи да се биде на лидерска позиција во секогаш динамичната комуникациска индустрија. Растењето во еден систем, каков своевремено била МРТ, и дало добра структура, а образованието квалитетна насока.
Почетоците на Божиновска Миркова воопшто не биле во маркетинг и комуникации. Таа првпат се појавила пред публиката како „Наташа од трето три“ во серијата Дајте музика, а нејзиното прво сериозно искуство било во Детското драмско студио на Македонската радио-телевизија. Од едно шестгодишно девојче што чекало ред на аудиција, до лидерска позиција во маркетинг и комуникациската индустрија – патот на Наташа Божиновска Миркова кој го раскажува во оваа епизода на New Biz podcast сведочи дека клучните искуства од најрана возраст знаат да ја одредат насоката и визијата и во професионалниот живот.
„Кога бев дете, сакав да имам некаква активност, но родителите не ми дозволуваа и покрај мојата упорност. Една петочка вечер видов оглас за запишување во детската радиодрама на МТВ, и реков дека сакам да одам. Утрото со родителите отидовме на аудиција – преку 200 деца чекавме ред во големите ходници и студија кои за мене тогаш беа фасцинантни. Од сите, избраа само неколку, а меѓу нив бев и јас. До денес не знам што било пресудно, но знам дека тоа искуство ме обликуваше и ми даде силна основа,“ раскажува Наташа.
Таа вели дека искуствата од Детското драмско студио останале длабоко вградени во неа и денес ѝ помагаат во професионалната работа.
„Скоро сфатив колку многу знаење носам од таму, иако со години не сум го активирала. Последен пат тоа силно ми се врати на конференцијата што ја организиравме во декември за The Economist Meetup. Начинот на јавен настап, дикцијата, концентрацијата, па и држењето на телото – сето тоа го учевме во студиото. Не смеевме да користиме ништо друго освен литературен македонски, учевме како да ја градиме мислата, како да дишеме и да се изразуваме пред микрофон. Денес, кога гледам јавни настапи на кои недостига тој минимум дисциплина и јазична култура, ми е јасно колку таа школа била значајна,“ објаснува таа.
Осум години Наташа била дел од тој тим – период во кој, покрај што учела, имала можност и да расте со генерации кои оставиле силен белег во македонската телевизиска продукција.
„Првата фасцинација беше што пред нас беа децата од Опстанок и Бушава Азбука. Тоа беа идоли на цела генерација. Ние имавме можност да ги запознаеме и да учиме од нив. Подоцна нашата генерација ја обои првата сезона на Дајте музика, во која со гордост бевме дел,“ раскажува Божиновска Миркова.
Детското драмско студио, каде што Наташа поминала осум години, дозволувало учество сè до средно училиште.
„Кога завршив таму, едноставно требаше да се повлечеме за да има место за нови генерации. Во тој момент немав намера да продолжам во медиумите. Напротив, поради искуството во МТВ и високите стандарди што таму ги доживеав, сè друго ми изгледаше разочарувачки,“ вели таа.
Првите понуди кои ги добила од приватни телевизии ја соочиле со сосема поинаква слика – мали студија, еден човек кој бил и режисер и камерман и продуцент, и дури барање самата да си најде спонзор за облека.
„Тоа за мене беше шок. Сфатив дека не сакам да продолжам по тој пат и дека треба да се насочам кон нешто друго,“ објаснува Наташа.
Така фокусот го префрлила кон образованието – завршила економија со тенденција кон маркетинг, а по дипломирањето го направила првиот чекор во бизнис-светот. Во 2005 година, веднаш по студиите, се вработила во Сеавус како онлајн маркетинг специјалист, и тоа за неа бил втор голем почеток и момент што ја отворло нејзината професионална патека.
По завршувањето на студиите, Наташа Божиновска Миркова го направила својот прв чекор во светот на дигиталните комуникации.
„Во 2005 година се вработив во Seavus IT, компанија што продавала софтвер на светски пазар преку интернет. Денес изгледа едноставно, но тогаш алатките беа многу ограничени, а голем дел од работата се правеше буквално „пешки“. Тоа беше моето прво навлегување во дигиталниот свет и првпат се сретнав со термини од ИТ-индустријата. Тогаш, дигиталниот свет изгледал сосема поинаку од денес. Немаше социјални медиуми. Нашиот фокус беше на Google Ads и на сериозна работа со search engine оптимизација. Тоа што денес е сведено главно на контент, тогаш се работеше секојдневно во рамки на кампањи,“ вели Божиновска Миркова.
Покрај тоа, голем дел од ангажманот бил насочен кон дигитален ПР, но во сосема поинаков контекст од денешниот. „Тогаш не стануваше збор за тоа какви објави ќе имаме на социјални медиуми, туку за тоа како да најдеме начин луѓето да пишуваат за нас без да им платиме – да го потврдат производот што го продаваме и нашата визија. Тоа беше вистински предизвик,“ објаснува таа.
Таа вели дека Seavus била нејзината втора важна точка во комуникациите, потоа извесен период работела во семејниот бизнис – искуство што ја научило на менаџмент, преговори и одговорност. Тоа било школо кое ја подготвило да биде на чело на компанија.
„Кога во 2016 година се појави можноста за Represent, си го поставив прашањето: што ми е потребно за да успеам и да чекорам напред, без враќање назад,“ се сеќава Божиновска Миркова. „Многу искуства и лекции се испреплетоа на тој пат. Сè уште учам секојдневно, правам грешки, но и создаваме успешни приказни. Така веќе осум години природно ја градиме агенцијата на чијашто чело сум. Мојата работа е да ја гледам големата слика заедно со тимот – сама не можам ништо да постигнам. Секогаш се трудам фокусот да ми биде стратегијата и насоката по која треба да се движиме. Голема предност е што Represent Communications Македонија е дел од Represent System, каде што имаме поддршка од многу паметни луѓе кои анализираат и насочуваат кон тоа што е најважно,“ додава таа.
Наташа вели дека пред осум години моделот бил едноставен – клиентот бара услуга, тие ја испорачуваат. Денес сè е поинаку. Очекувањата растат, се појавуваат нови потреби и мора да градат нови столбови на комуникација, како што е employer branding. Таа додава дека во моментов, покрај другото, еден од нивните главни фокуси е комуникацијата насочена кон ESG.
„Сите зборуваме за одржливост, ама ESG не е само тоа – не е само воздухот што го дишеме или како ќе помогнеме за животната средина. Тоа е многу поширок концепт,“ вели Наташа Божиновска Миркова.
Таа додава дека и во Македонија ќе дојде време кога компаниите сериозно ќе се посветат на ова прашање. „Во Србија, на пример, компаниите веќе бараат стратегии за своите ESG напори – како што бараат стратегии за корпоративни комуникации. Тоа не е само плативме нешто и сакаме да се пофалиме, туку начин систематски да се мери и комуницира одговорноста. Од друга страна, долго време имав една потајна желба – да се отвориме повеќе кон креативниот дел“, објаснува Наташа.
Таа вели дека агенцијата силно се насочила кон креативниот сегмент – веб-дизајн, брендинг и развој на процеси. Овој дел најчесто е ориентиран кон странските клиенти, од Северна Америка и Европа, па сè до Блискиот Исток. Пристапот, како што вели, е разновиден и секогаш прилагоден на ресурсите и трендовите во моментот.
Често се поставува прашањето дали странските компании гледаат на македонскиот пазар само како на поевтина работна сила.
Наташа прави споредба меѓу различните бизнис-култури со кои имала искуство – од локалниот менталитет каде што договори знаат да се склучуваат во кафана, па до американскиот модел, кој е многу поструктуриран, и бизнис-пристапот на Блискиот Исток, како во Дубаи или Саудиска Арабија, каде што очекувањата се сосема поинакви и често изненадуваат.
„Мојот заклучок е дека предизвици има насекаде – и со американски клиенти, и со оние од Дубаи или Саудиска Арабија. Разликите се големи: на Блискиот Исток клиентите се отворени и бараат нешто што им е особено интересно, додека во Западна Европа и Америка често постои перцепција дека сме ‘помалку’ од нив. Но успехот доаѓа кога ќе нè препознаат како партнери. Тоа го постигнуваме само со квалитетна работа, искуство и знаење. Услугите на агенциите постојано се менуваат – не само поради трендови, туку фундаментално, како резултат на новите технологии. Денес, на пример, актуелен е employer branding поради состојбата на пазарот на труд, а утре ќе биде ESG, поради обврските за извештаи и одговорност. Сега најголемата промена ја носи вештачката интелигенција,“ вели Божиновска Миркова.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast