Човек треба да е конзистентен и истраен, затоа што речиси никогаш од прва не се случува замислениот продуктот супер да функционира. Тони Јанковски, директорот за развој и иновации во Дајнерс Македонија, во New Biz Podcast објаснува дека развојот на нови продукти никогаш не е линеарен процес. Постојано има падни-стани работи на дневно ниво и постојано се враќате, можеби на почетната точка. Процесот е буквално како еден затворен круг – доаѓате до некое тест сценарио, го испробувате прво интерно, па можеби со надворешни потенцијални корисници. Сè што не е како што треба, се враќа назад и повторно се изработува. Тоа се месеци и месеци работа.
Во делот на картичките, Дајнерс долго време нуди класични и корпоративни картички, како и персонални AdvantEdge картички со бројни бенефиции. Сега компанијата се насочува кон нов тренд: претплата за услуги. „Мислам дека целиот шифт оди во таа насока – сите продукти, услуги, телефони, автомобили се нудат со претплата. Така се гради лојалност и долгорочен однос со корисникот“, посочува Јанковски.
Новиот продукт, наречен Zero Card, е создаден како тест фаза за корисниците. „Планираме да пласираме продукт кој ќе биде целосно бесплатен, со одреден кредитен лимит, лимитирани бенефиции и функционалности. Корисникот ќе може да се запознае со светот на кредитните картички, без никакви трошоци, преку мобилната апликација. Годинава ќе биде овозможено бесконтактно плаќање, а следната година и дигитален паричник во телефон“, вели Јанковски.
Tрадицијата и лојалноста на брендот треба да се надградат со иновација – Тони Јанковски во New Biz
Процесот на аплицирање е целосно дигитален, но битно е луѓето да се информирани.
„Секој може да се информира на веб-страницата, да аплицира со лична карта за пет минути, а картичката стигнува дома во рок од 48 часа. Младите, кои се помалку финансиски сигурни, ќе имаат одлична одскочна даска за да се навежбаат во користење на кредитна картичка, но Zero Card е наменета за сите генерации“, додава Јанковски, кој смета дека сетот од бенефиции ќе проивлече одреден сегмент луѓе. И доколку ги знаат сите бенефиции и можности на картичката, „ќе можат да ја трошат без никакви трошоци и само да уживаат во неа“.
Од аспект на брендот, Дајнерс се позиционира како финансиски пријател на секој корисник кој ќе одлучи да биде дел од клубот.
„Дајнерс клуб не е ексклузивен клуб, туку е платежна институција која отворено ги прифаќа сите што сакаат да користат бенефиции и да остварат желби. Традиционалните финансиски институции опслужуваат ограничен сегмент, а ние сметаме дека можеш сè да оствараш преку Дајнерс клуб. Како бренд и во соработка со нашите клиенти мислам дека сме навистина отворени“, вели Јанковски и признава дека како и во секој друг бизнис, „има одредени слаби страни кои веднаш гледаме да ги адресираме, бидејќи нашите клиенти, членовите на клубот се на број еден местото за нас“.
Освен тоа, нагласува, Дајнерс веќе 30 години постојано инвестира во општеството. Компанијата е активно вклучена и поддржува активности од социјален, културен, спортски, научен карактер… Како што вели Јанковски, „кој и да се обратил кај нас, добил некаква поддршка“, која не секогаш мора да е финансиска.
„Членовите позитивно реагираат на нашите активности. Не ги правиме за финансиски бенефит, туку за да поставиме пример и да враќаме во општеството. Бизнисот е тој, којшто можеби ја тера државата напред. И бидејќи како компании користиме одредени бенифити од државата, треба тоа да го враќаме назад“, кажува Јанковски, а како пример ја посочува фантастичната соработка со МНТ.
Во однос на другите финансиски институции, како што нагласува, Дајнерс има поразличен третман кон своите членови. „Ги знаеме нашите членови по име и презиме. Дури ги знаеме и нивните најчести потрошувачки трендови. Знаеме кога проактивно да им ускокнеме со некаков предлог, со подароци за роденден, честитки, учества на претстави, концерти… Ние тоа го гледаме како многу важна клетка од целиот наш екосистем во Дајнерс“.
Тој гледа значајни трендови и во иднината на финансиската индустрија, особено во крипто индустријата и отвореното банкарство.
„Отвореното банкарство ќе го либерализира пазарот, ќе донесе побрзи и поевтини услуги за крајните потрошувачи. Сите учесници во традиционалниот банкарски сектор ќе треба да го прифатат и да работат на тоа. Македонија не е дел од ЕУ и како пазар во тој дел сме можеби позатворени, бидејќи локалните играчи држат некаква контрола и учество. Кога сето тоа ќе се либерализира, на пазарот ќе влезат фирми од надвор кои, според мене, имаат многу подигитализирани, побрзи услуги, многу потестирани и лесно можат да навлезат и на пазарите тука, на Западен Балкан. Битно е да го фатиме тој тренд. Имаме закони за платни системи, имаме нагорно движење и развој. Влеговме во СЕПА… Сите тие работи во наредните две години, доколку вклучените чинители на пазарот проактивно ги прифатат и работат на тоа, ќе донесат одлични резултати и бенефиции кои би требало да бидат најмногу почувствувани од крајните корисници, од населението и фирмите“.
Криптовалутите и технологиите кои стојат зад нив се следниот чекор – тие нудат безбедност, транспарентност и отвореност на пазарот, додава Јанковски. Притоа, на мислење е дека на земјите од Западен Балкан ќе им треба одредено време за сето тоа да се адаптира и успешно да се примени.
Кога зборува за личните деловни успеси, истакнува дека најголемиот успех за него е тимот. А, потоа следи лекцијата научена од искуството – без одредување на приоритетите ниедна работа не може успешно да се реализира.
„Четири години сум во Дајнерс. Имаме одлична комбинација на искусни професионалци и млади луѓе кои носат нова енергија. Компонирањето на тимот е еден од поголемите успеси и на интерните промени во последните две години. Најбитна е работата со луѓето – тие да сакаат да израснат и да се надградат“.
Што се однесува до иднината на Дајнерс Македонија, Јанковски има визија, која вклучува проширување:
„Планираме поголемо пазарно учество и нови, не само кредитни продукти, туку и во останатите финансиските услуги, со настап и на соседните пазари – Србија, Црна Гора, Косово, Албанија. Стремиме кон тоа Дајнерс да стане регионален играч, со дигитални банкарски и платежни услуги и со одлична клиентска база, третирана како членство во клуб“.
Можеби е ова малку преамбициозно, но нагласува Јанковски, големите желби водат кон успех.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast