Три децении Дајнерс клуб во Македонија создава префинети искуства. Припадноста кон клубот претставува ексклузивност преку вредност, но не – статус. Таа припадност, пак, се заслужува, а не се купува. За тоа како оваа компанијата ја гради стратегијата базирана на грижата за луѓето, а со примена на новите технологии, зборува директорот за развој и иновации во Дајнерс Македонија, Тони Јанковски, гостин во поткастот New Biz. Неговата основна теза е – компаниите кои сакаат да ја задржат конкурентноста, мора да иновираат.
Образованието и практичните искуства што ги стекнал во Македонија и во странство, имале клучна улога во начинот на кој денес ја гледа својата работа. „Тоа школување надвор, со акцент на практични теми и реални проблематики, многу ми придонесе не само во оваа функција, туку и во претходните искуства. Неопходна е таа пракса. Секогаш се учи, новите вработени на почетокот повеќе добиваат од фирмата отколку што придонесуваат“, смета Јанковски
Најважниот елемент во бизнисот, вели, се луѓето: „На почеток сè почнува со техникалии, но на крајот се сведува на работа со луѓе. Луѓето се број еден и тоа е најдинамичниот и најинтересниот дел од работата“.
За него, да се внесе иновација во бренд кој постои 75 години на глобално ниво и 30 во Македонија, е сериозен предизвик. „Одредени работи мора да се изменат за да се биде во тек со пазарот, но традицијата и лојалноста на брендот треба да се задржат и да се надградат со иновација. Не е доволно само да се брка технологија и дигитализација, мора да има вредност“.
Првиот чекор што го презел бил дигитализацијата на процесите, кои во голем дел биле рачни, механички. Дигитализацијата била неопходна. Но, истакнува, луѓето се тие што треба да го прифатат тоа и да го спроведуваат секојдневно.
„Има страшно квалитетни луѓе не само во Дајнерс, туку воопшто, во бизнис секторот во Македонија. Потребно е да се задржат, но и да се изменат некои нивни вештини. Конкретно за Дајнерс, таа дигитализација и промената повеќе е насочување како давател на финансиски дигитални услуги, отколку само како кредитна картичка на пазарот. Бидејќи е финансиска услуга, може добро да се искомбинира со останатите во банкарскиот сектор, во осигурителниот, брокерскиот, така што има широко поле за играње и на добар пат сме да тоа да се реализира“.
Јанковски објаснува дека Ковид-пандемијата била точката на пресврт во развојот на мобилната апликација: „Во текот на 2020/2021 година ги затворивме филијалите. Веќе имавме мобилна апликација, но почнавме активно да инвестираме и да ја надградуваме. Секогаш излегува нова потреба и постојано се трудиш да бидеш во тек“.
За пример зема неколку водечки апликации во Европа и САД, за кои посочува дека се нивна ѕвезда водилка, односно се обидуваат да ги следат, па и до некаде да ги имитираат.
Јанковски смета дека транспарентноста е предуслов за секој бизнис. Треба да се создаде доверба и лојалност меѓу корисникот и фирмата. Во Македонија би имало огромен ефект, доколку се вложат време и ресурси во програма за финансиска писменост.
„За Македонија, мислам дека многу поголем ефект би имало доколку сите директни, но и индиректни учесници во финансискиот свет посветат, па дури и преку заедничка платформа, одредено време, внимание, буџет… сѐ што е потребно за да се направи програма и иницијатива за основните постулати на финансиска писменост“.
Според него, образованието за личните финансии треба да започне уште во најраната возраст: „Кредитот не смее да биде табу. Без кредит не може да се инвестира во голем проект. Треба да се знае што е камата, што е депозит, кои се основните трошоци. Бројките се факти, не лажат, и тие треба да нè водат во одлуките“, и додава дека поимот кредит не треба да се потенцира како лоша работа. „Кредитот може да користи за потрошувачка, може да се користи за купување возило кое потоа ќе го користите за некаква намена и ќе креирате некаква вредност. А, во фирмите, дефинитивно, кредитите користат за формирање додадена вредност“.
Кога ќе се спомене Дајнерс, асоцијација е картичката. Но, новите технологии отворија нови канали за плаќање, па тоа е можно преку апликациите на мобилните телефони или преку рачните часовници. За новите генерации, вели Јанковски, картичката не е само средство за плаќање. „Младите бараат решение за нивните желби, транспарентна и јасна услуга која ќе трае долгорочно. Некои, на кои во моментот не им се потребни пари, сакаат бенефиции – поени, попусти, лојални шеми, ланџови на аеродромите… Тоа е легитимно и е дел од пазарот“.
Сепак, нагласува, дигитализацијата на картичките е неизбежна:
„Тенденцијата е картичката да премине во дигитална алатка, телефон, часовник, па дури и прстени или алки. Тоа е побезбедно и поедноставно. Очекувам тоа да се случува забрзано и мислам дека нема да остане само во доменот на платежните картички, туку ќе се шири и во доменот на лични документи, утре и за патување… Мислам дека сѐ ќе биде дигитализирано и токенизирано во телефонот, што воопшто не е лошо. Има низа бенефиции, меѓу кои можеби првата е – токенизираната картичка на телефон е далеку побезбедна од физичката платежна картичка. Телефонот е секогаш со нас, а физичката картичка може да се изгуби. Ние веќе разгледуваме можност Дајнерс да стане дел од светските дигитални паричници како Google или Apple Wallet“, истакнува Тони Јанковски.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast