Пензијата не е подарок од државата – таа е право што пензионерот веќе го платил однапред со децении работа и придонеси
Каде завршува законот и каде почнува политиката
Македонскиот пензиски систем во изминатите две години се соочува со сериозни предизвици, кои произлегуваат од суспензијата на законски утврдениот модел на усогласување на пензиите („швајцарска формула“) и воведувањето на линеарно зголемување без соодветна правна и економска основа. Овие промени отвораат прашања за правната заштита на стекнатите права, одржливоста на пензискиот фонд и етичките аспекти на политичкото користење на пензиските политики.
Вовед
Пензискиот систем е темелна компонента на социјалната заштита и претставува механизам за обезбедување на економска сигурност во старост, инвалидност или семејна загуба. Неговото функционирање се темели на принципите на придонесност, правичност и одржливост. Секоја интервенција во моделот на усогласување на пензиите мора да биде во согласност со законската рамка и да се темели на економски показатели, со цел да се зачува довербата на осигурениците и стабилноста на системот.
Законска рамка и швајцарската формула
Член 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување ја утврдува т.н. швајцарска формула како механизам за редовно усогласување на пензиите врз основа на растот на просечната плата и инфлацијата. Овој модел има за цел да ја задржи куповната моќ на пензионерите и е правно стекнато право, а не дискрециона мерка на извршната власт.
Од законска перспектива, суспендирањето на швајцарската формула без јасна и аргументирана правна основа може да се толкува како повреда на начелото на владеење на правото и правната сигурност. Законите за пензиско осигурување обично ја содржат формулата за индексација токму за да се обезбеди предвидливост и стабилност на примањата, а дискреционите интервенции го поткопуваат тој механизам. Во уставен контекст, тоа може да отвори прашања поврзани со еднаквоста пред законот и правото на сопственост (како што пензијата е призната во судската практика како стекнато имотно право), особено ако се докаже дека одредена група е неоправдано оштетена.
Суспендирањето на примената на формулата во 2024 година, продолжено и во 2025 година претставува преседан со потенцијални уставно-правни импликации, затоа што принципот на стекнати права и правната сигурност се клучни; меѓународни стандарди (ILO C102, European Social Charter) поддржуваат предвидливи и адекватни пензии.
Линеарно зголемување: Политички, економски и етички импликации
Линеарното зголемување подразбира доделување на ист износ на сите пензионери, независно од висината на нивната пензија и од уплатените придонеси во текот на работниот век. Иако оваа мерка може привремено да ги зголеми приходите на пензионерите со најниски примања, таа предизвикува:
Негативни економски последици:
- Нарушување на придонесниот принцип
– Линеарното зголемување значи дека сите пензии растат за ист апсолутен износ, без разлика на уплатените придонеси и заработените години, што ја нарушува врската „придонес – примена корист“. - Долгорочен финансиски товар врз пензискиот фонд
– Ако се зголемат пензиите без усогласување со растот на придонесите (од плати и вработеност), системот станува фискално неодржлив. - Ерозија на реалната вредност на повисоките пензии
– Пензиите на оние што вложиле повеќе придонеси реално се намалуваат во однос на трошоците за живот. - Поттик за „морален хазард“
– Кога се испраќа порака дека вложувањето поголеми придонеси не носи пропорционална награда, се демотивира формалната работа и уплата на целосни придонеси.
А се предизвикуваат и политички последици:
- Популистички ефект
– Линеарните зголемувања се користат како политички потег за добивање поддршка пред избори, без системска проценка на последиците. - Нарушување на довербата во институциите
– Кога законскиот механизам (членот за индексација) се суспендира, се создава впечаток дека правата се „релативни“ и зависат од политичка волја, наместо од предвидливи правила. - Конфликти меѓу пензионерските групи
– Пензионерите со повисоки придонеси чувствуваат неправда и дискриминација, што може да доведе до поделеност и судски тужби. - Преседан за идни суспензии на права
– Откако еднаш ќе се прекине законски утврдена индексација, станува полесно тоа да се повтори.
И етички последици:
- Повреда на принципот на правичност (equity)
– Во пензискиот систем, правичноста подразбира дека придонесот и наградата се пропорционални. Линеарното зголемување ја урива таа пропорционалност. - Дискриминација на оние што повеќе работеле и плаќале
– Долгогодишните придонесувачи со повисоки пензии се казнети со фактичко намалување на реалната вредност на нивниот доход. - Манипулација со ранливи групи
– Наместо трајни системски решенија, ваквите мерки често служат за краткорочно политичко влијание врз најсиромашните. - Ерозија на социјалниот договор
– Пензискиот систем се базира на меѓугенерациска солидарност; кога едната страна се чувствува изневерена, довербата се губи.
Тоа значи отстапување од принципот на правичност меѓу генерациите и пензионерите, бидејќи се нарушува врската меѓу уплатените придонеси и очекуваните придобивки.
Кумулативна споредба на ефектите од законското (швајцарска) формула и линеарното зголемување 2024 до 2026 година
- Методологија на споредба
Почетни пензии за ниска средна и висока категорија: 18.000 / 30.000 / 60.000 денари.
Фиксни зголемувања: +2.500 денари (2024, септември), +2.500 денари (2025, март), +1.000 денари (2025, септември), +1.000 денари (2026, март).
Швајцарска формула: 50% раст на плати + 50% инфлација. Претпоставки: раст на плати 10% годишно; инфлација 4,5% годишно; годишен индекс 7,25%; полугодишен еквивалент ≈ 3,55%.
- Резултати и графичка презентација
Кумулативна разлика во денари (фиксен износ наспроти швајцарска формула)
Процентуална разлика меѓу моделите (%):
Графиците ја илустрираат динамиката на влијанието на зголемувањето / усогласувањето кумулативно од септември 2024 до март 2026; негативниот ефект врз високите пензии е значително голем, што укажува дека моделот е регресивен од аспект на уплатата на придонесите.
На среден и долг рок, суспендирањето на швајцарската формула доведува до намалување на основицата врз која се врши идно усогласување, што значи дека пензиите на средните и високите примања ќе заостануваат во однос на растот на платите и цените. Овој ефект е кумулативен и се влошува со времето, бидејќи базата за идни пресметки останува пониска.
Политизација на пензиските зголемувања
Стареењето на населението во Северна Македонија што се случува и ќе продолжи во иднина,
значи дека бројот и политичкото значење на пензионерите расте. Во вакви услови, постои ризик тие да бидат третирани како политички ресурс наместо како граѓани со права.
Во јавниот дискурс, усогласувањето на пензиите често се претставува како политичка добра волја или „дополнителна помош“ за пензионерите. Но, од правен аспект, тоа е дел од истото стекнато право на пензија – исто како и самата исплата.
Законот за пензиско и инвалидско осигурување не предвидува усогласувањето како „додаток“, туку како механизам што ја штити реалната вредност на пензијата. Без редовно и законито усогласување, државата го прекршува истиот социјален договор преку кој пензионерот ја стекнал својата пензија.
Честата политичка реторика која го претставува усогласување на пензиите како „дар“ од Владата создава перцепција на зависност и ја еродира свеста за правната природа на овие зголемувања. Таквата комуникациска стратегија го отвора патот за:
- манипулација со очекувањата на пензионерите,
- клиентелизам и купување политичка лојалност,
- поткопување на довербата во институциите.
Препораки за системска стабилност
- Почитување на законските одредби. Швајцарската формула треба да остане примарен механизам за усогласување, а секое отстапување да биде предмет на уставно-правна проценка.
- Целни социјални мерки. За поддршка на ранливите пензионери, потребни се дополнителни инструменти (социјални додатоци, таргетирани субвенции), наместо укинување на придонесниот принцип.
- Финансиска едукација на пензионерите. Подобро информирање за правата и механизмите на усогласување ќе ја намали зависноста од политички ветувања.
- Демографско и фискално планирање. Усогласувањата треба да бидат интегрирани во долгорочната стратегија за одржливост на пензискиот фонд.
Заклучок
Пензискиот систем може да ја задржи довербата на граѓаните само ако почива на предвидливи, правично дизајнирани и доследно применувани правила. Отстапувањата под изговор на „социјална правда“ без системска и законска основа создаваат долгорочни ризици од правен, економски и социјален аспект.
Економскиот проблем на сиромаштијата кај старите лица се решава преку социјалниот систем кој е неконрибутивен, со насочени надоместоци и помош за оние со најниски приходи. Ваквото таргетирање е поусогласено со принципите на праведност и одржливост, наместо преку универзални интервенции што ја нарушуваат рамнотежата и довербата во пензискиот систем.
Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија
(Продолжува: Законско право, а не милостина: Усогласување на пензиите како клучен инструмент за социјална правда и економска стабилност)