Македонските инвеститори покажаа интерес за купување на новите хартии од вредност по пат на иницијална јавна понуда (ІPO) на Македонската берза, информираа неодамна од компанијата Свод Мастер АД Скопје, сопственик на стриминг платформата „Глеј“. Ова е прва историска продажба на акции преку иницијална јавна понуда на која се понудени 200.000 обични акции со продажна цена од 600 денари по акција и вкупна вредност на емисијата од 120.000.000 денари.
Од компанијата велат дека по повеќе од 120.000 регистрирани корисници, успешно позиционирање во Македонија рамо до рамо со најголемите светски платформи и силно присуство во дијаспората, оцениле дека е дојдено време за следниот чекор – докапитализација со цел забрзување на растот на платформата, чекор кој бил предвиден уште од самото основање на компанијата. Во изминатите три години ја етаблирале платформата, ја обединиле квалитетната македонска продукција, ја развиле технолошки преку апликации за мобилни телефони и паметни телевизори, вовеле реклами како дополнителен начин на монетизација и воспоставиле квалитетни односи со телеком операторите како дистрибутивни и продажни канали. Оценуваат дека се создадени сите предуслови за забрзан раст заснован на основните програмски столбови, па оттука бараат доверба од инвеститорите со јасен план за развој. Како иновативен начин на дофинансирање го одбрале моделот на иницијална јавна понуда по примерот на големите светски играчи, како што е Нетфликс кој повеќе од 10 години се финансираше на овој начин. Дополнително, целта е да се даде шанса и на пошироката македонска инвеститорска јавност, за првпат, да биде дел од една медиумско-технолошка компанија која постојано иновира.
Компанијата е прва што се одважи наместо во банкарските канали, средства за докапитализација да побара на отворено – на Македонска берза.
Акционерското вложување е поисплатливо од штедењето во банка, особено на долг рок, бидејќи нуди повисоки приноси и заштита од инфлација, е општото мислење на инвестициските експерти.
Но, што велат брокерските друштва, каква е постапката за купување акции, што е потребно и кои се чекорите.
Ги контактиравме брокерското друштво „Еурохаус“ за да ни ја објасни целата процедура, при што тие истакнаа дека се работи за транспарентен, безбеден и добро регулиран процес, кој им овозможува на сите заинтересирани физички и правни лица лесно и брзо да учествуваат на пазарот на хартии од вредност во земјава.
„За да може да се купат или продадат акции на Македонската берза, согласно Законот за хартии од вредност, потребно е да се ангажира посредник во тргувањето т.е. брокерска куќа која ги има добиено соодветните лиценци од страна на регулаторот – Комисијата за хартии од вредност на РС Македонија. Постапката за купување / продажба на хартии од вредност е едноставна и опфаќа неколку чекори“, објаснуваат од „Еурохаус“.
Како што велат оттаму, најпрво се склучува договор за берзанско посредување за што ќе биде потребен документ за идентификација. Постапката е брза и унифицирана, а покрај договорот, се изработува и потпишува дополнителна документација поврзана со Централниот депозитар и самиот клиент – инвеститор. За купување на хартии од вредност се врши уплата на средства на сметката за порамнување (клиентската сметка) на брокерската куќа, по што се пристапува кон потпишување на налог за купување или продавање на соодветните хартии од вредност, во кој се дефинира кои акции ќе се купат или продадат, во кој обем и по која цена, сè во согласност со преференциите на клиентот. При продавање на хартии од вредност – средствата од продажба се префрлуваат на трансакциска сметка на клиентот за два работни денови. При купување на хартии од вредност – акциите се евидентираат на сметката на клиентот во Централниот депозитар за два работни денови. За секоја склучена трансакција со хартии од вредност клиентот добива Пресметка од направената купопродажба.
„За клиентите кои сакаат да го следат тргувањето на дневно ниво и се поактивно вклучени во тргувањето на Македонската берза, постои можност да се активира апликацијата Е-Традер која им овозможува на клиентите следење на тргувањето на Македонската берза во реално време, праќање електронски налози до брокерската куќа и комплетен увид во тргувањето кое е извршено преку брокерската куќа“, велат од „Еурохаус“.
Во однос на моделот IPO (Initial public offer или Иницијална јавна понуда), од брокерското друштво напоменуваат дека тоа е модел на обезбедување на дополнителен капитал на едно акционерско друштво преку издавање на дополнителен број на акции кој се нуди на јавноста односно на заинтересираните инвеститори.
„Моделот е еден вид алтернатива на класичното банкарско задолжување, со тоа што нуди поволности за друштвото кое ги издава акциите (обезбедува траен капитал без обврска истиот да го враќа како кај банкарскиот кредит, нема обврски за плаќање на камати и сл.), а од друга страна бенефит имаат и потенцијалните инвеститори (идни акционери) кои со запишување и купување на овие акции во друштвото кое ги издава, стануваат ко-сопственици на истото и во иднина можат да очекуваат поврат на инвестицијата во форма на дивиденда или од самиот раст и развој на друштвото (што ќе се одрази во растот на неговите акции на берза).“, упатуваат од „Еурохаус“.
Во светот е често практикуван модел и од страна на старт-ап компаниите кои на овој начин го обезбедуваат неопходниот капитал за развој, но и од веќе етаблирани и профитабилни компании кои привлекуваат дополнителен капитал за идни инвестиции.
И наместо да се потпре на класичните извори како што се банкарските кредити, „Глеј“ избра да обезбеди средства преку иницијална јавна понуда на акции (IPO). Овој потег претставува позитивен пример за тоа како домашните компании можат да ја искористат берзата како алатка за финансирање, иновации и долгорочен успех.
За повеќе информации и начини на инвестирање преку ИПО, можете да се обратите на телефонскиот број на „Еурохаус“: +389 3 217 095.