Во блок-трансакција е извршена купопродажба на 51,2 отсто од акциите на ФК Брегалница 2008 АД Штип. За мнозинскиот пакет од 128 акции платени се 9.250.176 денари, односно 150,4 илјади евра. Информацијата е објавена на Македонска берза.
Акциите, чија номинална вредност е 100 евра, се купени по единечна цена од 72.267 денари или 1.175 евра.
Според податоците од минатогодишниот финансиски извештај, овој процент од акционерскиот капитал му припаѓа на штипскиот бизнисмен Кирил Гогов, кој во клубот влезе во 2019 година.
„Акционерскиот капитал (уплатен) на Друштвото изнесува ЕУР 25.000 односно ден 1.538.000 на ден на основање, со вкупен број на акции 250 со поединечна номинална вредност од ЕУР 100 /акција (ден 61,52 акција)“, пишува во извештајот. Како што е наведено, 48,8 отсто од акциите во вредост од 750.544 денари/12.200 евра се во сопственост на Општина Штип. Поголемиот дел од 51,2 проценти кој вреди 787.456 денари/12.800 евра е на Гогов.
Ова спортско акционерско друштво е формирано во 2012 година, со цел да го зголеми професионализмот и да врши промоција и постојано подобрување на фудбалските стандарди во рамките на ФК Брегалница 2008.
Гогов како мнозински акционер влезе пред шест години, тогаш за таа одлука изјави: „Сакам Брегалница да биде клуб со кој сите заедно вистински ќе се гордееме. Политиката треба да ја оставиме на страна. Тука сме за спортски успеси на радост на сите во градот. Од срце ќе направам сѐ, Брегалница да се врати повторно во прволигашкото друштво, а потоа да размислуваме и за нешто повеќе во иднина“.
Клубот, стар повеќе од еден век, минатата година ја завршил со загуба од 5.725 илјади денари (93 илјади евра), за разлика од 2023, кога била остварена добивка од 5.988 илјади денари (над 97 илјади евра).
Приходите речиси двојно се намалени, од близу 710 илјади евра преклани на ланските 387 илјади евра.
Раководството на клубот го сочинуваат извршниот директор Емил Тодев и членовите на Управниот одбор: Роберт Христов, Александар Попов, Илија Жежов и Мане Ризов.
Инаку, штипскиот бизнисмен Кирил Гогов во пошироката јавност беше познат и како сопственик на синџирот маркети Кит-Го, кој од 2023 година е во сопственост на косовската компанија Вива Фреш.
(фото: ФК Брегалница)