Нов производен капацитет на Авеста Холдинг ќе се гради во ТИРЗ Штип. Втората инвестиција на белгиската компанија ќе биде во износ од 26 милиони евра. Со тоа се отвора можност за 150 нови и високо платени вработувања, а ангажираните ќе бидат дел од производството на напредни батериски системи од најновата генерација за електрична мобилност и стационарни апликации.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, по повод официјализирање на новата инвестиција, денес во Нинове – Белгија се сретна со менаџментот на компанијата. На средбата се разгледаа досегашните резултати на Авеста Холдинг, тековните активности, како и понатамошните чекори за успешна реализација на инвестицискиот проект. Направена е и обиколка на производствениот погон.
Димовски посочи дека ова е реален пример, доказ за активната работа и унапредениот пристап на новата влада кога станува збор за создавање висока додадена вредност. Тој истакна дека овој проект е од стратешко значење за целата национална економија, а особено за регионот на Штип.
Ношин Омар, сопственик и претседател на Авеста Холдинг, изрази особена благодарност за поддршката од владата, нагласувајќи дека токму транспарентноста, отвореноста и професионалноста на ТИРЗ биле клучни фактори за одлуката – да се реализира втора инвестиција токму во Македонија.
Втората по ред инвестиција на белгиската компанија во земјава е директен резултат на стабилната бизнис клима, проактивниот пристап на институциите и новите владини политики насочени кон поддршка на инвеститорите. Со ова, Македонија дополнително ја зацврстува својата позиција како атрактивна и предвидлива дестинација на мапата за странски директни инвестиции, информираат од Дирекцијата на ТИРЗ.