ПОВЕЌЕ

    СКОПСКО ЛЕТО 2025: ГАЛА КОНЦЕРТ НА ВЕЈЧЕСЛАВ ПОПОВСКИ „Хармонија во три стила: класика, филм и корен“

    Време зa читање: 4 минути

    Во понеделник, на 14 јули, со почеток во 20.30 минути, во рамките на манифестацијата Скопско Лето во Македонска филхармонија ќе се одржи гала-концерт на Вејчеслав Поповски, музичар, оперски пејач и градител на виолини.

    Роден во Скопје во 2000 година, Вејчеслав Поповски е редок спој на уметничка прецизност и автентична инспирација. Потекнува од музичко семејство и уште од 4-годишна возраст започнува да свири инструменти, а подоцна го усовршува и својот глас – станува академски оперски пејач со диплома од ФМУ – Скопје.

    На само 10 години снима свое прво ЦД со италијански канцони и македонски народни песни, а веќе на 14 ја добива наградата „13 Ноември“ како најмлад добитник досега. Неговата музичка кариера е збогатена со бројни награди од светски натпревари за соло пеење. Но, Вејчеслав е и мајстор-градител на гудачки инструменти – виолини кои ги создава со посветеност и визија. На 17 години ја изработува првата виолина користејќи сопствено изработени алати. Денес, неговите инструменти се барани од врвни виолинисти низ Европа и Америка.

    Во 2023 година освојува сребрен медал за квалитет на тон на меѓународен натпревар во Аризона (САД), а во 2024 добива „Certificate of Merit for Violin Tone“ на Violin Society of America во Индијанаполис – едно од највисоките признанија во светот на лутиерството.

    Во јули 2024, учествува на фестивалот NEO – фестивал на некласична класична музика, каде ги изложува своите уникатни инструменти.

    Ноември 2024, Cremona Mondomusica – најголемиот светски музички саем: Вејчеслав е првиот градител од Македонија со сопствен штанд. Таму, виолинистот Роби Лакатош ја избира неговата копија на Stradivarius “Jupiter 1700” и настапува со неа на штандот на Thomastik-Infeld Vienna, создавајќи вистински магичен момент за паметење.

    Acies Квартет

    Официјални културни амбасадори на Австрија

    Формиран во 2000 година од четворица студенти на Конзерваториумот во Каринтија, Acies Квартет е еден од водечките австриски гудачки квартети. Членови на ансамблот се виолинистите Бенјамин Циервогел и Рафаел Каспријан, виолистот Јожеф Бизак и виолончелистот Томас Висфлекер.

    Квартетот се усовршувал со врвни светски уметници, меѓу кои Juilliard Quartet, Alban Berg, Guarneri и Amadeus квартетите. Добитници се на престижни награди и беа прогласени за Уметници на годината од националното радио Ö1 во 2007 година.

    Како дел од програмата New Austrian Sound of Music, настапувале низ Европа, Азија и САД, претставувајќи ја Австрија како музички амбасадори. Имаат соработувано со Брукнер Оркестарот и членови на Виенската филхармонија.

    Нивниот дискографски опус за издавачката куќа Gramola вклучува дела од Хајдн, Бетовен, Шуберт, како и современи автори како Глен Гулд и Фридрих Гулда.

    Рихард Рикон од Словачка – пијанист со богата интернационална кариреа

    Неговиот репертоар ги вклучува делата на Бах се до современите композитори, а има настапувано на бројни музички сцени низ светот.Меѓу другото, има снимено ЦД „Пијано меџик“, 1,2,3 со светски познати нумери аранжирани во неконвенционален стил за што е добитник и за наградата „Голден Рекорд“.

    Риккон е исто така и композитор и аранжирал дела за други уметници. Во рамки на своите активности тој посветува време и на пронаоѓање и менторирање млади таленти.

    Елена Васова ( гостин)

    Соло пејачка, сопран,  родена во 2000 година во Скопје. Нејзиното музичко образование, прво на отсек виолина а потоа соло пеење, започнува уште од рана возраст. Како средношколка е добитник на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Хорското пеење го започнува во детскиот хор „Пиколо” а подоцна станува член на женскиот камерен хор “Св. Злата Мегленска” во кој настапува и како солист на повеќе турнеи и натпревари во Полска, Русија, Шведска, Ирска, Италија, Шпанија и Франција.

    Активен член е во професионалниот мешан хор „Про Арс” и женскиот младински хор при МКЦ. Дипломира вокално-инструментален изведувач на отсекот соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Како солист настапува на Коста Трпков, Руска Романсијада, Скопско лето и Охридско лето. Неодамна го издаде својот прв сингл – „Пријател”.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично