Македонскиот ИКТ-сектор продолжува со значителен раст и во 2024 година, покажува компаративната анализа на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ. Вработува 23.948 лица и обезбедува проечна месечна бруто плата од 2.376 евра, која лани се зголемила за „само“ 3,6 проценти. Со платите, оваа индустрија е меѓу најконкурентните во земјата. Исто така, конкурентен е овој сектор и со растот на извозот. Минатата година во странство се испорачани услуги во вредност од 664 милиони евра. За 20 проценти повеќе споредено со 2023 година.
Според анализата на МАСИТ, бројот на активните компании опаднал за 5,5 проценти – од 3.091 во 2023 на 2.921 во 2024 година. Наспроти тоа, има годишно зголемување на вработеноста за 10,7 насто и повисоки приходи за 12,5 насто. Од прекланските 1,47 милијарди евра на 1,65 милијарди евра лани. „Овој значителен пораст укажува на силна динамика во побарувачката за ИКТ производи и услуги, како на домашниот, така и на странските пазари. И покрај намалениот број на компании, останатите пазарни учесници успеале да генерираат значително повисоки приходи, што сугерира консолидирање и раст на продуктивноста“, истакнуваат од МАСИТ.
Од компаниите во овој сектор придобивки имаат и вработените и државата. Ланскиот вкупен износ за плати и надоместоци е 314,3 милиони евра. Овој тотал е за 18 насто повисок од претходниот во 2023 година (266,8 милиони евра). А, се посочува, човечкиот капитал станува еден од клучните приоритети на ИКТ индустријата, која се соочува со континуиран недостиг на високообразувани кадри и специјализирани профили.
Со растот на платите растат и давачките – за 19 проценти. Трошоците за даноци на плати и надоместоци преклани изнесувале 28,8 милиони евра, а лани 34,3 милиони евра. „Овој раст е поддржан и со раст на придонесите за задолжително социјално осигурување од 16,9 насто“, пишува во анализата.
Вработените во ИКТ секторот имаат и низа бенефиции. Така, трошоците за бонуси, обуки, патувања, приватно здравствено осигурување… лани достигнале 32 милиони евра. Проследени со годишен раст од 5,9 проценти.
Врз основа на данокот на добивка, во 2024 година државата од овој сектор инкасирала 33 милиони евра. За речиси 65 проценти повеќе отколку во 2023 година (20 милиони евра). Што значи дека компаниите генерираат повеќе приходи и работат со поголема профитабилност.