ПОВЕЌЕ

    СПАС ЗА МАКЕДОНСКИОТ ТУРИЗАМ ИЛИ УШТЕ ЕДНА РЕФОРМА БЕЗ ЕФЕКТ: Советот ќе ја замени неуспешната Агенција

    Време зa читање: 3 минути

    По деценија на незадоволителни резултати и ограничено влијание врз туристичката промоција, Владата одлучи да ја укине Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, формирана во 2013 година. На нејзино место, како дел од новите законски измени, се создава Совет за промоција и поддршка на туризмот – стручно и советодавно тело во рамки на Министерството за култура и туризам. Оваа одлука отвори нова фаза за македонскиот туризам, со надежи за поефикасен, стратешки и инклузивен пристап.

    Претставниците на туристичкиот сектор го поздравуваат укинување на Агенцијата, која според нивните зборови, „не даде ефекти ниту во промоцијата ниту во поддршката на дејноста“. Претседателот на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), Влатко Сулев, нагласува дека не е важен називот на институцијата, туку дали конечно ќе се види вистинска корист од нејзиното постоење.

    „Очекуваме во новиот Совет да има луѓе кои се директно вклучени во дојдовниот туризам – агенции, хотели, културни институции, винарници… Тие најдобро ги знаат слабостите и потенцијалите на туризмот и можат да помогнат во оформување на конкурентна туристичка понуда,“ изјавува Сулев.

    Тој укажува дека поддршката не смее да се сведе само на субвенции, туку да опфати и инфраструктурен развој, култура на однесување и комуникација со туристите, обележани патеки, дигитална поврзаност, инфо-центри и модерни угостителски капацитети.

    Со законските измени, министерот за култура и туризам го формира Советот, кој ќе брои 15 члена: 4 од туристичките комори, 7 од граѓански организации, 2 од академската фела, 1 експерт од туризам и маркетинг, 1 претставник од општините. Советот ќе заседава квартално, а во стартната фаза и почесто со цел да се постави функционален систем за развој на туризмот.

    Покрај тоа, Министерството ќе преземе сè од укинатата Агенција: инвентар, документи, субјекти за субвенционирање, средства и вработени. Субвенциите за организиран странски туризам ќе продолжат, со фокус на авионски, патен и железнички сообраќај, како и комбинирани тури.

    Според најновите податоци, Македонија бележи 21,6% раст на странски посетители во првата половина од 2025 година. Ако трендот продолжи, бројката може да достигне 1,5 милиони туристи и 500 милиони евра приходи до крајот на годината. Туристите од Турција водат со 42% учество, а значителен раст бележат и Србија, Германија, Хрватска, Грција и Романија.

    И покрај растот, ревизорски извештаи укажуваат на системски слабости, како слабо спроведување програми, недоволно управување со средства и несоодветно планирање, што го ограничуваше ефектот од претходните мерки.

    Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, изрази надеж дека новото тело ќе донесе „поголема заинтересираност од страна на Министерството“, а туризмот, кој „моментално е на нула“, ќе добие вистински развој. Тој најавува дека до септември ќе биде појасна визијата на Владата, откако ќе заврши институционалното префрлување.

    Новата структура, во комбинација со растечките бројки, дава надеж дека туризмот конечно ќе заземе сериозно место во економската стратегија на земјата. Македонија има потенцијал да биде вистинска туристичка дестинација. Сега е време институциите тоа и да го докажат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично