Катерина Смилева Божиновска, по професија дипломиран новинар. По 9 години кариера како новинар во Фокус, одлучила дека е време за промена. Првиот чекор бил отворање на профил на платформата за фриленсери Fiverr, тогаш со почетничко знаење од областа на маркетингот за социјални медиуми. А денес е Top Rated Seller и дел од Pro каталогот на Fiverr за social media marketing.
Во оваа епизода на New Biz Podcast, Наташа Велковска разговара со Катерина Смилева Божиновска за најуспешните проекти и за проектите кои пропаднале, и за предизвиците со кои се борат.
„Можеби најуспешен проект ни беше една компанија која работеше на организација на венчевки во Америка. Работевме креирање на содржина, статични постови, кратки видеа, копирајтинг, целосна кампања. Ние бевме задолжени за рeбрендинг, и откако ќе се направи тој ребрендинг, да ги поставиме нивните содржини на социјалните мрежи. Стартувавме на некој начин од нула. Тоа беше успешен проект, зашто и самиот клиент беше многу задоволен од тоа што го сработивме“, раскажува Смилева Божиновска.
Во однос на неуспешен проект не може да се сети, вели таа, но има ситуации каде што клиентите не биле задоволни, а самите тие сметале дека тој проект е супер сработен.
„Ние од наша страна сме биле задоволни. Меѓутоа, клиентот одеднаш доаѓа со барање дека сака сѐ да откаже, не сме го исполниле нивното барање, дизајните не се тоа што ги замислил и дури тогаш ќе ни испратат некакви дизајни што ги имал во глава. И ако ги видите тие дизајни од дизајнерски аспект, тоа можеби не изгледат толку квалитетно, но клиентот тоа го имал на ум. Меѓутоа, од тие моменти извлековме и многу важни лекции. Се обидуваш да дојдеш до решение преку разговор. Целата комуникација на Fiverr најчесто оди преку четот, односно прекu пишана комуникација. И во ваква ситуација се обидуваме да закажеме онлајн состанок, да се видиме со клиентот и да пробаме да му објасниме. Дека можеби сме имале различни очекувања, не сме искомуницирале добро и се обидуваме да почнеме од почеток. Меѓутоа, некогаш ништо не функционира и на крај се откажува проектот“, објаснува Смилева Божиновска.
Во текот на оваа епозода од поткастот се разговара и за како како функционира Fiverr односно оние кои се спојуваат таму на проекти – оние што нудат и оние што бараат услуга? Дали има некоја корисничка поддршка за некој кој сега сака да влезе во фриленсерскиот свет? Што може да очекува од платформата, освен Marketplace? Катерина посочува дека има корисничка поддршка, но за да се почне да се работи и да се продаваат услуги, сепак, мора сам да истражи и сам да го направи профилот.
„Постојат три основни пакети кои што се продаваат, но се разбира во комуникација со клиентите, најчесто се сработува преку точно дизајнирани пакети според потребите на одреден клиент. За да се почне на платформата, најважно е да се направи добар профил, но и подоцна да се биде многу упорен, додека да се стигне до неколку првични прегледи или оценки од клиенти, кои што понатаму ќе овозможат другите клиенти да имаат одредена доверба, бидејќи кога пристапуваат кон нов продавач, со нула оценки, мора да се игра со цената за да се добијат првите клиенти“, истакнува Смилева Божиновска.
Таа додава дека тие сега преминуваат кон градење на еден бизнис модел преку оваа платформа, не само тие да бидаt како поединци фриленсери кои имаат солидна месечна заработка, туку да изградат бизнис модел на самата платформа.
„На некој начин ние функционираме како агенција, меѓутоа на самата платформа стојам јас како главно лице која што се појавува пред клиентите, но тие знаат и тоа е транспарентно назначено дека ние сме тим, дека работам само јас. Точно е дека платформата зема провизија, меѓутоа ако се направи споредба колку треба да се вложи во маркетинг за да се стигне до клиенти без платформа, мислам дека ова е многу поисплатливо отколку сами да тргнете со своја веб – страница и да барате клиенти на тој начин“, појаснува Смилева Божиновска.
На прашањето како ги менаџираат финансиските моменти, таа вели дека Fiverr најдобро функционира со Payoneer, и дека има провизии дополнителни, што мора да се платат. А во последниот две години најмногу им помага и друга платформа која овозможува фриленсери да покриваат пензиско и здравствено осигурување, како и цела обработка на парите кои ќе им стигнуваат, покривање даноци и сл. И како што додава Катерина генерално, за некој што сака да почне да работи на оваа платформа, може да се исплати доколку биде упорен.
Сето ова значи дека тие влегле во предприемачките води, затоа што од фринелсерство го одат патот на градење бизнис модел и водење на тимот. Тимот брои 5 луѓе: копирајтери, графички дизајнерии и видеоедитори.
„Ова ни е можеби еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме, како да се дојде до вистинските луѓе. И како да се задржат, бидејќи во овој момент не можеме да понудиме целосно обработување на полно работно време. Многу често луѓето си барат да бидат целосно покриени, што ние во моментов не можеме да го понудиме и имаме менување на тимот. Друг предизвик е да се најдат квалитетни луѓе кои што ќе бидат константни со квалитет“, додава Смилева Божиновска.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast