„Мета“ конечно направи мал чекор во справување со епидемијата на прекумерно споделување информации која се случува во јавниот фид на нејзината апликација за вештачка интелигенција. Компанијата додаде кратко предупредување со кое ги советува корисниците да „избегнуваат споделување лични или чувствителни информации“ кога користат копчето „Објави во фид“ во апликацијата Meta AI.
Оваа промена првпат ја забележа „Business Insider“, кој ја опиша апликацијата како „едно од најдепресивните места на интернет“ поради огромниот број на интимни, засрамувачки, па дури и чувствителни информации што корисниците, очигледно несвесно јавно ги споделувале преку „Discover“ фидот во апликацијата. Иако Meta AI не ги објавува разговорите по дифолт, многу корисници несвесно избирале да ги споделат своите интеракции, не сфаќајќи дека со тоа ги прават своите текстуални и гласовни разговори јавно достапни.
Минатата недела, беа забележани објави каде корисници барале совети за „подобрување на празнењето на цревата“ или прашувале дали роднина може да биде одговорен за неплатени даноци на својот работодавач. Еден корисник дури очајно додал „задржи го ова приватно“ на својата објава откако таа веќе била јавно објавена. Овакви бизарни јавни интеракции се случуваат откако апликацијата беше лансирана во април, но привлекоа ново внимание минатата недела кога корисници на социјалните мрежи почнаа да споделуваат примери од чудните разговори што се појавуваат во „Discover“ фидот.
Експертите за приватност ја критикуваа „Мета“, забележувајќи дека повеќето други главни чет-ботови со вештачка интелигенција не нудат јавно видлив фид.
„Ако очекувањата на корисникот не се совпаѓаат со реалноста, тоа претставува сериозен проблем за корисничкото искуство и безбедноста“, изјави Рејчел Тобак, експерт за безбедност и поранешен соработник на Мета. „Луѓето не очекуваат нивните интеракции со чет-бот да се објавуваат јавно во фид налик на социјалните мрежи — другите алатки не функционираат така.“
И Фондацијата Мозила ја повика „Мета“ да го смени дизајнот на апликацијата.
„Апликацијата не го прави доволно јасно дека она што го споделувате станува јавно“, се наведува во нивно соопштение. „Недостасува јасна иконографија и препознатливи ознаки за споделување какви што постојат во другите апликации на Мета.“
Очигледно, компанијата сега го забележала проблемот. Со новата промена, кога корисник ќе се обиде да објави интеракција, се прикажува предупредување:
„Прашањата што ги објавувате се јавни и видливи за сите. Вашите барања може да бидат предложени од Мета на други Мета апликации. Избегнувајте споделување лични или чувствителни информации.“ Сепак, изгледа дека ова предупредување се појавува само при првото споделување.
Како што забележува „Business Insider“, јавниот фид во апликацијата сега вклучува повеќе слики и видеа генерирани од вештачка интелигенција, наместо текстуални разговори. Не е јасно дали оваа промена е трајна или е привремена реакција на неодамнешниот негативен публицитет.
Кога беше побаран коментар, портпарол на „Мета“ изјави дека процесот на објавување е дизајниран да вклучува неколку чекори со цел да се воведе одредено ниво на заштита, но не одговори директно на прашањата за новото предупредување.
Доколку и вие сте објавиле нешто јавно без намера, можете да го отстраните така што ќе го отворите вашиот профил (горен десен агол), потоа изберете Податоци и приватност → Управување со вашите информации → Направете ги сите јавни барања видливи само за вас, и потоа изберете „Примени на сите“.