Во текот на 2023 година, во земјава биле активни 68.150 пазарно ориентирани деловни субјекти, кои оствариле вкупен промет од 2.090.624 милиони денари или речиси 34 милијарди евра, од кои најголемиот дел произлегува од трговијата. Со својата работа сите фирми создале заедничка економска, односно бруто-додадена вредност во висина од 445.895 милиони денари (7,25 милијарди евра), а овде најголем е уделот на преработувачката индустрија.
Во вкупниот промет, според податоците од Државниот завод за статистика, учеството на трговијата на големо и на мало е 39,1 процент. Изразено со бројки – 816.683 милиони денари (близу 13,3 милијарди евра).
Со 25,7 проценти следува преработувачката индустрија. Нејзиниот придонес е 537.542 милиони денари (8,7 милијарди евра). Трет сектор во овој сегмет е снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 186.969 милиони денари (над три милијарди евра).
Кога станува збор за создадената економска вредност, со остварување од 26 проценти се издвојува преработувачката индустрија. Или, со бруто-додадена вредност од 115.724 милиони денари, што е скоро 1,9 милијарди евра.
Реалниот економски принос на трговијата на големо и на мало е измерен со 20,8 отсто (1,5 милијарди евра), на информации и комуникации – 9,1 процент (660 милиони евра), а на градежништвото – 8,7% (630 милиони евра).
Во 2023 година, во овие сектори имало вкупно 434.185 вработени лица. Најголемиот работодавач е преработувачката индустрија – 7.998 фирми ангажирале 118.506 вработени. А, во 21.885 фирми од трговскито сектор заедно со поправка на моторни возила и мотоцикли, преклани работеле 98.793 лица.