Минатата недела, во вид на подарок или наследство се дадени 18.728 акции. Сите се обични, а издадени се од 16 друштва што котираат на Македонска берза. Над 77 проценти од акциите застапени во минатонеделните нетрговски трансфери се на Трготекстил малопродажба. Сепак, тој пакет не е со најголема вредност.
Се работи за 14.441 обична акција, забележани во статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност. Акцијата на Трготекстил малопродажба има просечна цена од 98 денари. Оттаму, подарениот пакет има вредност од 23 илјади евра. Според берзанските податоци, во последните 52 недели со оваа акција се реализирани 20 тргувања, а последното било на 12 јуни.
Со акциите на Гранит немало трансфер само во четвртокот. Минатиот понеделник биле евидентирани 348 акции, во вторникот 269, во средата 1.501 и во петокот 200 обични акции. Вкупно – 2.318 обични акции. Просечната вредност на акцијата од градежната компанија е 1.799,67 денари.
Во два наврати е извршен пренос на двете најтргувани акции на Берзата. На средината од неделата се регистрирани 382, а во петокот уште 20 обични акции на Комерцијална банка. Нивната единечна просечна цена е 28.004,90 денари. Нетрговските трансфери со акцијата на Алкалоид се направни во вторник – 50 и во петок 21 акција. Нивната просечна вредност е 25.436,25 денари.
Според бројноста, со над сто следуваат акциите на пет издавачи. Со знакот на Македонски Телеком се 551 обична акција. Нивната последна просечна цена (петок, 13 јуни) е 438,09 денари.
Регистрирани се и 400 акции на Раде Кончар – Апаратна техника. Вкупната вредност на овој подарок е петнаесеттина илјади евра, односно единечната цена за акција е 2.300 денари.
РЖ Економика АД Скопје минатата седмица е застапена со 213 обични акции (просечна цена 51 денар).
А, НЛБ банка со 146 обични акции. Нивниот последен просек од петокот е 58.500 денари, а вредноста на овој пренос е околу 139 илјади евра.
Во нетрговските трансфери се забележани и 52 обични акции на РЖ Услуги АД Скопје, 45 на Макпетрол (со вкупна вредност од над 86 илјади евра) и 40 на Адинг.
Исто така, сопственоста е пренесена и кај 15 обични акции на Тетекс АД Тетово и кај 12 обични акции на Уготур АД Скопје. По 11 акции се процесуирани од Факом и од РЖ Интер-Трансшпед. Регистриран е и трансфер на четири обични акции од ЗК Пелагонија АД Битола.