ПОВЕЌЕ

    Од 47,5 милиони евра приход – добивка под два милиони: Каде исчезнува туристичкиот профит?

    Време зa читање: 5 минути

    Туризмот е чувствителен на глобалните кризи, но и брзо се прилагодува на новите трендови. Кога состојбите се во нормала, бележи висок раст. Од условите зависи и работата на туристичките агенции, кои го претставуваат мостот меѓу понудата и побарувачката во овој сектор. Обезбедуваат професионална логистика, планираат и организираат патувања, а се важни партнери за хотелско-угостителските, како и за авиокомпаниите и компаниите што вршат превоз на патници. Тие, како носители на масовниот туризам, го поттикнуваат развојот на локалната економија.

    Македонските туристички агенции се обидуваат да опстојат на линијата на растот, секако, секоја со различно темпо. Сигурно, сите сакаат да ја заборават пандемијата и проблемите што им ги предизвика. Како им оди работата може да се согледа од оваа анализа на Пари, во која се опфатени пет туристички агенции. Податоците за сегментите од нивното работење се од базата на Бизнис Мрежа.

    Општата слика за туристичките агенциии – три од Скопје и две од Охрид, е дека имаат далеку подобри остварувања од критичната 2020 година, но немаат сите целосно позитивни постигнувања. Накусо, за патувањата преку Фибула ер травел, ДМЦ Балканс, Аурора турс, КТМ Воијаге и Пилот травел граѓаните платиле 47,5 милиони евра. Износот е за 10,21 насто поголем од преклани. Кога ги покриле сите трошоци, на овие агенции како добивка им останале нецели два милиони евра, што е подобро (за 16,45 насто) отколку во 2023 година. Притоа, Фибула и ДМЦ Балканс доминираат и со приходите и со профитот, а Аурора турс, КТМ Воијаге и Пилот травел имаат и подеми и падови.

    ПРОФИТ ЗГОЛЕМЕН ЗА 155 НАСТО

    Лидер во сите сегменти – добивка, приходи, но и расходи, е ТА Фибула ер травел. Во последниве пет години приходите на Фибула се во континуиран раст. Од 3,5 милиони евра во критичната 2020 година, лани го достигнала нивото од 16,2 милиони евра. Со износот се издвојува од конкуренцијата, но не и со промената на годишно ниво – плус 6,09 насто во однос на 2023 година.

    Високи се и трошоците, но нивното зголемување во периодот од 2023 до 2024 година е во разумни граници, за 2,5 насто. Износот од 15,3 милиони евра е досега најголем.

    Разликата меѓу приходите и расходите резултирала со добивка од 873,6 илјади евра. На Фибула ѝ успеало да го надмине прекланскиот профит за цели 154,9 насто. Резултатот упатува на ефикасно менаџирање на трошоците и силна пазарна позиција.

    Цврсти се позициите и на охридски ДМЦ Балканс. Зад себе има извонредна година со приход од речиси 11 милиони евра. Најголемиот раст во овој дел е остварен токму од оваа агенција, за 53,83 насто во однос на 2023 година.

    Исто така, ДМЦ Балканс е предводник и со значителното зголемување забележано на расходната страна (за 50,89 насто). Сепак, тоа не било пречка за трицифрениот раст на добивката, профитот е повеќе од удвоен со растот од 125,7 насто. Податоците, пак, од 2020 година наваму, покажуваат дека агенцијата го одржува растечкиот тренд започнат во 2021 година и ја карактеризира оваа агенција како една од најдинамичните на туристичкиот пазар.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КОГА ЌЕ ПОТФРЛАТ ПРИХОДИТЕ, А ЌЕ НАТЕЖНАТ ТРОШОЦИТЕ

    Дали поради намалени приходи или зголемени расходи, три од петте туристички агенции лани потфрлиле во добивката. Навистина, во тој поглед се каде-каде подобри од тоа што биле во 2020 и 2021 година.

    Кај КТМ Воијаге Охрид проблемот е во трошоците. Приходот е зголемен за 7,59 насто во однос на 2023 година, но расходите зеле поголем замав и нараснале за 15,95 насто. Овој дисбаланс влијаел врз добивката, која е намалена за 41,83 насто и минатата година е завршена со сума од 237,7 илјади евра.

    Иако и натаму е профитабилна, податоците велат дека Аурора турс лани имала проблем со приходите. Во овој дел е запишан пад од 7,43 насто, или за 800 илјади евра помалку од реализираните во 2023 година.

    И работењето на Аурора е проследено со високи трошоци, но лани им пошло од рака да ги намалат за 3,6 насто. Меѓутоа, тоа не било доволно за да се спречи топењето на добивката. Всушност, оваа агенција ја бележи најдрастичната промена – профитот од 546,4 илјади евра во 2023 година, лани се излизгал до 176,3 илјади евра, што е пад од 67,72 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Приливите се придвижиле речиси со исто темпо како и одливите на средства, па добивката на скопски Пилот травел има едноцифрено, но сепак, намалување на профитот. Туристичката агенција лани регистрирала приходи од осум милиони евра (+ 3,24 насто), расходи од 7,9 милиони евра (+ 3,49 насто) и добивка во износ од 166,8 илјади евра (‒ 5,79 насто). Бројките можеби навестуваат стагнација, се разбира, ако во меѓувреме не се внесени промени во настапот на туристичкиот пазар.

    Инаку, Аурора турс и Пилот травел биле единствените меѓу петте агенции кои во 2020 година имале каква-таква добивка.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Сѐ на сѐ, податоците за петте анализирани туристички агенции покажуваат дека иако кризата е минато, предизвици и натаму има. Успешно со нив се носат Фибула и ДМЦ Балканс, кои го зголемуваат присуството на туристичкиот простор. Всушност, сѐ зависи од понудата, од реализацијата на турите и, секако, од задоволството на туристите.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично