Во минатонеделната статистика што Централниот депозитар за хартии од вредност ја води за нетрговските трансфери, запишани се 10.168 акции издадени од 13 друштва кои котираат на Македонска берза. Од нив, 8.732 акции им припаѓаат на две компании. Другите се подарувани „на ситно“.
Рекордот на седмицата се 4.732 обични акции на Неметали Огражден АД Струмица, дадени како подарок или наследство. Нивната просечна цена е 1.900 денари, а ретко се тргуваат на Берзата – три пати во последните 52 недели.
Веднаш зад нив се акциите на Македонски Телеком, 4.000 на број. Со нив често се тргува, а просечната вредност е 437,03 денари.
Со исклучок на петокот, секој ден се менувала сопственоста на одредена количина акции од Комерцијална банка: понеделник 225, вторник 3, среда 120 и четврток 1 обична акција. Вкупно 349. Последната просечна цена на убедливо најтргуваната акција е 28.424,96 денари.
Во два наврати се трансферирани акциите на Гранит и на Алкалоид. Градежничките акции, вкупно 183, се појавуваат во првите два дена од неделата (178 и 5), а фармацевтските во вторник 74 и среда – 50. Акциите на Гранит се со просек од 1.820, а на Алкалоид од 26.600 денари.
По сто и над сто во трансферите се забележани акции на четири компании. Со знакот на Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп се подарени 312 обични акции. Нетрговски е пренесена сопственоста и кај 153 акции на Тутунски комбинат АД Прилеп. Макотекс е застапен со 126 обични акции, а кавадаречката винарија Тиквеш со 100 обични акции.
Во последно време се појавуваат и акциите на ЗК Пелагонија АД Битола, овојпат 35. Трансферирани се и 33 обични акции на Патнички сообраќај Транскоп АД Битола, како и 20 на НЛБ банка. Подарена е и една акција издадена од Интернешнел хотелс АД Скопје.