ПОВЕЌЕ

    Фајнанс тинк: Британските пари ќе го поттикнат растот, но ризични се за јавниот долг

    Време зa читање: 7 минути

    Средствата обезбедени со стратешкото партнерство со Велика Британија што ќе се насочат кон инфраструктурни и капитални проекти ќе бидат двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ќе го поттикнат растот на БДП и ќе бидат основа за зголемена продуктивност и конкурентност. Сепак, од фискална гледна точка, ваквото отворено позајмување мора да се гледа во контекст на неколку клучни фискални ризици, предупредуваат од Фајнанс тинк во нивниот последен објавен став кој опфаќа анализа на заемот од британската влада. Како што се посочува – секое задолжување ќе влијае врз растот на јавниот долг, барем на краток до среден рок. А, целта на анализата е, нагласуваат, „да даде став за пошироките економски аспекти и реперкусии од ова стратешко партнерство со Обединетото Кралство“.

    Експертите од Фајнанс тинк своите согледувања ги базираат врз информациите споделени во јавноста за денес склучениот меѓувладини Договор за рамковен/отворен заем. Македонија на располагање добива пет милијарди фунти во временски период од 10 години, со кои ќе се финансираат исклучиво капитални проекти.

    „Тоа претставува, во просек годишно, 600 милиони евра, што е износ близок на годишниот буџетски дефицит во последните години. Информациите кои се познати вклучуваат дека заемот ќе има грејс период за време на изведбата на проектот, а отплатата ќе отпочне откако капиталниот проект ќе биде ставен во функција. Останатите специфики на позајмувањето во моментот остануваат непознати; Finance Think ќе се произнесе дополнително како што нови информации стануваат достапни“.

    Воедно, се потенцира дека продлабочувањето на економската соработка со Обединетото Кралство има суштинско значење за економскиот развој и интеграцијата на нашата земја во пошироките глобални економски текови. Притоа се потсетува на историјата на билатералните односи, кои вклучуваат директни инвестиции од британски компании, кои придонесоа за отворање нови работни места, трансфер на знаење и технологија, подобрување на деловната клима во неколку сектори, меѓу кои производството, енергетиката и услугите. А, трговската размена е со позитивен тренд, со зголемен извоз на домашни производи и услуги на британскиот пазар, во рамките на склучениот Договор за слободна трговија по Брегзит. Оваа економска интеракција создава стабилна и продуктивна основа за понатамошно стратешко партнерство.

    „Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ваквите инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата – од една страна, тие го поттикнуваат растот на бруто-домашниот производ преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок. Инвестициите во железничката мрежа, на пример, не се само логистички подобрувања, туку и стратешки чекори за зголемување на регионалната поврзаност, ефикасноста на транспортот на стоки и луѓе, и интеграцијата со трансевропските транспортни коридори. Вложувањата во здравствени капацитети претставуваат суштински одговор на долгогодишните слабости во здравствениот систем, особено во делот на еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита надвор од главниот град“, образложуваат од Фајнанс тинк..

    Меѓутоа, нагласуваат креаторите на анализата, ова отворено позајмување мора да се гледа во контекст на неколку клучни фискални ризици. Особено што само еден од проектите кои ќе се финансирааат со парите од заемот е мапиран во Фискалната стратегија, а тоа ќе предизвика буџетски дефицит поголем од планираниот.

    „Секое задолжување ќе влијае врз зголемување на јавниот долг, барем на краток до среден рок. Нема економска логика да се аргументира дека јавниот долг не би пораснал. Доколку проектите кои се предвидени да се финансираат се веќе проектирани во Фискалната стратегија, тогаш во најдобро сценарио, јавниот долг не би пораснал повеќе од неговата проекција во Фискалната стратегија, но тоа не неопходно значи дека тој би се намалувал.

    Сепак, според постојните плански документи, не сите инвестиции кои се најавуваат преку ова партнерство се веќе вклучени во планираните буџетски расходи. Така, на пример, единствено мапиран проект е Клиничкиот центар во Штип (Фискална стратегија, стр.42), додека најголемата инвестиција – новата железничка пруга долж Коридорот X – не е буџетски планиран проект (Фискална стратегија, стр.31). Ако овие проекти не се вклучени во постојните среднорочни буџетски проекции, нивната реализација ќе доведе до поголем дефицит од планираниот, а со тоа и до повисок јавен долг. Под претпоставка дека половина од просечниот годишен износ на британскиот заем би претставувал буџетски дефицит над проектираното ниво во Фискалната стратегија, јавниот долг во 2029 година би изнесувал 65,9% од БДП, наспроти моментално проектираните 62,2%“.

    Сценариото во кое британското финансирање е над износот на среднорочно-проектираниот буџетски дефицит крие опасности и е спротивно на заложбата за фискална консолидација, наведуваат експертите.

    Тие, воедно, сметаат дека овој договор има и поволности кои произлегуваат од условите за финансирање.

    „Доколку станува збор за проектно финансирање со релативно ниски каматни стапки и грејс периоди, тоа би било поповолно во однос на алтернативните извори на финансирање на буџетските дефицити, како еврообврзниците. Во сценарио на фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит до 3% во следните 3-4 години, обемот на каматните плаќања би се намалил. Забележително е како тие во последните години драматично пораснаа, од 1,2% од БДП во 2018 на 1,9% во 2024. Сепак, ова нема да биде релевантно доколку британскиот заем се додаде на веќе предвиденото буџетско финансирање преку повисока потреба од задолжување, со што кусокот повторно би се обезбедил од друг извор“.

    Ако британскиот заем е дополнување, наместо замена, на финансирање на буџетските дефицити од други извори како еврообврзници, тогаш нашиот каматен долг ќе продолжи да расте.

    „Оттука, додавањето на финансирањето со британскиот заем на веќе-проектираниот среднорочен буџетски дефицит претставува сериозен извор на фискален ризик. Од друга страна, доколку тој претставува финансирање во рамки на планираниот дефицит за следните три години, според предвидената фискална консолидација со Фискалната стратегија, ќе влијае особено поволно на јавните финансии и ќе даде значајна поддршка на фискалната консолидација. Ќе овозможи и постепено адресирање на суштинскиот проблем на структурниот буџетски дефицит“, пишува во анализата, при што се предупредува – и да се гледа само низ призма на поволните услови, британскиот заем „не смее да ги намали напорите за фискална консолидација и преку приходната и преку расходната страна на буџетот“.

    Исто така, од Фајнанс тинк се осврнуваат и на слабиот домашен капацитет за реализација на капитални проекти.

    „Од технички аспект, важно е да се напомене дека реализацијата на стратешкото партнерство ќе се судри со нашиот капацитет за реализација на капиталните проекти. Досегашното искуство покажува дека ова е особена слабост на македонскиот систем – реализацијата на капиталните расходи секоја година е под проектираното ниво. Вклучувањето британска експертиза во планирањето и имплементацијата може да ги олесни домашните административни и технички тесни грла, што би значело повисок степен на реализација на проектите. Во таа смисла, за партнерството да даде брзи опипливи резултати, клучно е договорот да предвиди посебни механизми за адресирање на домашните административни тесни грла – на пример, преку заеднички координативни тела, поддршка за техничка експертиза или учество во директна имплементација на проекти. Но, помало вклучување домашни подизведувачи може да ги намали краткорочните ефекти од овие средства врз БДП“, пишува во анализата на Договорот за отворен заем од Велика Британија.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично