ПОВЕЌЕ

    ДЕСЕТ ФИРМИ ЈА СКРАТИЛЕ ДРЖАВНАТА КАСА за 65 МИЛИОНИ ЕВРА – Контролите за поврат на ДДВ поригорозни

    Време зa читање: 2 минути

    Со лажни фактури за поврат на ДДВ, десет фирми ја оштетиле државната каса за 65 милиони евра. Истрагата за овие случаи е заокружена, и целата документација од Управата за јавни приходи е доставена до Јавното обвинителство и до Финансиската полиција.

    „Записниците од контролите кај тие компании се доставени до истражните органи. Вкупната сума на утврден непријавен и помалку платен данок во овие контроли изнесува околу четири милијарди денари“, посочи директорката на УЈП, Елена Петрова.

    Што се однесува до повратот на ДДВ на фирмите, кои пред крајот на минатата година реагираа дека со месеци чекаат тоа да се случи, Петрова вели, проблемот секојдневно се решава. Случаите се расчистуваат, но сега има многу поригорозна контрола од порано. Целта е да се осуетат можните шеми – со фиктивни фактури да се бара поврат на ДДВ.

    Заклучно со 2024 година биле доспеани 35,6 милијарди денари, односно 579 милиони евра. Исплатени се 34,4 милијарди денари, односно над 559 милиони евра. Повратот на ДДВ е жива материја, нагласува Петрова. Секој ден има износи кои доспеваат и кои се враќаат. Парите се враќаат во стопанството.

    На граѓаните, пак, кои ги скенираат фискалните сметки, досега им се исплатени 170 милиони денари (2,76 милиони евра) преку „МојДДВ“. Застој се појавува само кај граѓаните со неажурирани податоци. А, има и такви кои ги згаснале своите сметки. „Затоа, требаше време да се направи точна и темелна проверка“, наведува Петрова. Инаку, за изминатиот квартал се предвидени 870 милиони денари (14,1 милион евра).

    Сѐ на сѐ, според Петрова, исплатата по основ на „МојДДВ“ и за поврат на ДДВ за компаниите се одвива континуирано.

    Ова е спорно за опозициската СДСМ. Во нивната реакција велат: „Доволно е да поразговарате со компаниите и менаџерите за да ја слушнете вистината – повратот на ДДВ доцни постојано. Оваа пракса на задоцнето ДДВ не е непозната за ВМРО-ДПМНЕ, тие така владееја во време на режимот, така владеат и сега. Нема никаква промена и главната цел е притисок врз компаниите и задржување на средства кои ним им се потребни за работење“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично