Стопанска банка го круниса својот 80. јубилеј со донација на 80 зрели садници од видот Magnolia Grandiflora и заедно со претставници од Град Скопје отвори нов „Магнолија парк“ во рамки на Градскиот парк во Скопје.
Високите садници и патеките кои се изградени низ новиот парк ќе бидат вистинско уживање за сите посетители, но во исто време ќе бидат од големо значење за животната средина – преку чистиот воздух, храната за поленаторите, како и новиот дом за останатиот животински свет кој гравитира во паркот.
Стопанска банка преку проектот #ЗеленЅид веќе две години засадува зимзелени и листопадни садници на повеќе локации во градот со пролетна и есенска акција и притоа создава подобра зелена иднина за сите.
Дел од промоцијата на новиот парк беа сегашните и пензионираните вработени на Банката, кои добија благодарност за својот придонес во работата, но и посвета и можност да го засадат дрвото посветено ним и на сите идни вработени кои ќе растат заедно со Стопанска банка во годините што доаѓаат. Присутните заклучија дека ДОМА е поубаво со новиот „Магнолија парк“ и дека ќе се грижат за своите дрвја, што за Банката претставува поттик за понатамошни партнерски соработки со јавните институции во полза на граѓаните и заедницата.
Голема благодарност до Град Скопје кои се наши партнери во проектот #ЗеленЅид. Грижата за досега засадените 2.000 садници е на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, со кои се планира и гради градското зеленило, на нашите колеги кои учествуваат во секоја акција, но и на секој наш сограѓанин затоа што зеленилото е од заеднички интерес.
За донацијата:
Магнолија паркот се наоѓа на почетокот на Градски парк, од влезот од бул. Илинден покрај ЗОО Скопје. Се протега на површина од 2.000м2 и се состои од две пешачки патеки и 80 х 6-годишни стебла од видот Magnolia Grandiflora. Изборот на дрвјата, чиј симбол се впечатливите розови цветови, е направен бидејќи наликува на корпоративните бои на Стопанска банка, но и за да создаде атрактивна нова содржина во градот која со секоја измината година ќе биде сѐ поубава и побогата.
Стеблата претходно беа контролирани од Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје при УКИМ во Скопје и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и eкоинженеринг „Ханс Ем“, вклучително и почвата каде што се засадени, со препораки за прихрана. Во следните денови ќе биде поставена и водоводна мрежа за постојано наводнување по принципот капка-по-капка за одржливост на садниците на долг рок.
Изведбата на паркот и засадувањето на дрвјата беше реализирана од ЈП Паркови и зеленило и ЈП Улици и патишта.