Успехот не произлегува само од индивидуални напори, туку од синергијата што настанува кога се обединуваат различни луѓе, перспективи и идеи. Бројни истражувања покажуваат дека мешаните тимови на работните места создадени од мажи и жени – носат повисока продуктивност, иновативност и подобри бизнис перформанси. Токму овој концепт е сржта на новата креативна видео кампања насловена „Рамо до рамо – успехот кој стои позади мешаните тимови“ креирана од Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, во соработка со Халкбанк како нејзин главен партнер.
Што значи вистинска соработка? Како различностите можат да се претворат во сила која води кон успех? Во новата креативна видео кампања добиваме одговори на овие прашања преку инспиративна македонска приказна за мешаните тимови и нивниот уникатен придонес во светот на бизнисот.
Видеото ја раскажува приказната на Марија и Кире Крстевски, основачи и ко-сопственици на компаниите Bebe Home и CosLoveMetics, кои ја отвораат вратата кон својот свет, објаснувајќи како соработката помеѓу нивните различни улоги, довербата и комуникацијата ја поттикнуваат нивната заедничка визија за успех. Bebe Home веќе 10 години им нуди на родителите иновативни и квалитетни производи за нивните деца, додека Coslovemetics е специјализирана за козметика за возрасни, фокусирајќи се на решавање на лични и специфични потреби на клиентите. Нивниот успех е доказ дека рамноправната распределба на улогите, меѓусебната доверба и заедничката визија можат да создадат вистинска бизнис магија. Тие претставуваат пример за тоа кога различни перспективи се комбинираат, се создава средина во која иновациите цветaат и има подобри бизнис резулати. Видеото пренесува силна порака: рамноправноста и соработката не се само општествена одговорност, туку и клучна предност за успех во бизнисот.
https://www.youtube.com/embed/7JWIwct_H98?si=dw7RDnBaF18qCM0-
Оваа иницијатива е повеќе од обична кампања – тоа е моќен повик за акција и промена. Таа нè поттикнува да изградиме заедница на претприемачи кои препознаваат дека „рамо до рамо“ значи повеќе од соработка – тоа значи заедничка визија, рамноправност и искрена поддршка.
Халкбанк, како банка која постојано ја поддржува рамноправноста и иновациите, ја нагласува важноста на мешаните тимови и нивната улога во развојот на локалната економија. Оваа синергија отвора нови начини и платформи за справување со критични предизвици и поттикнување на родова еднаквост на работното место.
“Оваа заедничка кампања која ја реализираме со GEA, преку најдобар начин, со пример го презентира тоа како улогите во мешаните тимови се комплементарни и како со добра распределба на надлежностите и обврските, рамо до рамо, функционирањето во мешан тим води кон огромен успех, и на професионално и на приватно поле. Кога се работи тимски, со јасна визија и изградена цел, резултатите сами доаѓаат до израз. Оваа кампања е охрабрување за секој еден од нас, да верува во себе, во својот тим и да даде придонес во областите во кои најдобро умее да дејствува. На тој начин успехот е загарантиран.” – изјави Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации на Халкбанк.
Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, се стреми да придонесе за еднакви можности, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот и во целост, унапредување на родовата еднаквост на работното место. Алијансата е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се вреднуваат за нивниот уникатен придонес во работната средина. Преку GEA, која е дел од глобалната иницијатива на UN Women за остварување на Целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост, се работи кон градење посилно и поправедно општество за сите.
„Целта на оваа видео кампања, е да се подигне свеста за важноста на родовата еднаквост во бизнисот. Таа има за цел да покаже дека мажите и жените, кога работат рамо до рамо, постигнуваат подобри резултати и поголем напредок. Кога се комбинираат различни перспективи, се раѓаат иновации, а резултатите стануваат уште подобри. Со оваа иницијатива, особено се нагласува потребата од активна вклученост на жените во сите деловни процеси, при што Халкбанк ја поддржува и промовира идејата за еднаква застапеност како клучен фактор за успех“. – додаде претседателката на GEA, Нина Ангеловска Станков.
Видео кампањата „Рамо до рамо – успехот кој стои позади мешаните тимови“ ќе биде промовирана преку дигиталните медиумските канали на GEA и Халкбанк, а нејзината порака е јасна: успешната соработка е магијата која стои позади секој успешен бизнис.
Инаку, Алијансата е формирана со поддршката од Халкбанк, Eurolink и Casys како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско, Евроинс Осигурување и Публицис Груп како поддржувачи, а е отворена за сите кои сакаат да се вклучат и да ја поддржат нејзината работа и да придонесат кон поголема родова еднаквост на работното место. Повеќе информации за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.