Акцијата на Комерцијална банка урна уште еден рекорд. Ја надмина границата од една милијарда евра од аспект на пазарната капитализација. Или, сите хартии од вредност издадени од најголемата и најуспешна домашна банка вредат точно 1.006.735.045 евра.
И покрај повремените дневни негативни осцилации, вредноста на акцијата е во постојан подем. Оттаму, историскиот износ за поимите на нашата берза, е пресметан по денешната просечна цена. Според официјалната берзанска листа со датум од 17 декември, просечната цена е 27.166,47 денари. Комерцијална банка има емитувано вкупно 2.279.067 акции.
Поради тоа што првпат се случува некое од котираните друштва да има толку висока пазарна капитализација, берзанските аналитичари укажуваат – колку и да е мала нашата берза со понуда од неколку стотици акции, сепак ова остварување може да се смета за историски берзански момент.
Пазарната капитализација е пресметковна категорија и зависи од пазарните движења, велат од Комерцијална банка:
„Ако се земе предвид дека во изминатиот период постои исклучително позитивен сентимент на светските финансиски пазари, односно глобалните берзи, не изненадува што соодветни растечки ценовни трендови се забележуваат и во нашиот регион, при што поради низа околности особено е голем порастот на главниот акциски индекс на Македонската берза (над 60% на годишно ниво), а стожер на индексот претставува токму акцијата издадена од Комерцијална банка АД Скопје. Во вакви пазарни услови дојде до значаен раст на пазарната капитализација на Банката, која зависно од денот на којшто се пресметува се движи околу една милијарда евра. Како што е познато, пазарната капитализација е пресметковна категорија на вкупниот број издадени акции и моменталната пазарна цена и произлегува од моменталните пазарни движења, односно од актуелната состојба на понудата и побарувачката за одредена акција, склучените трансакции и вербата на постојните инвеститори во конкретната акција и во нејзиниот потенцијал“.
Исто така, станува збор и за убедливо натргуваната акција на Македонска берза. За потсетување, статистиката за минатиот месец забележа 946 трансакции преку кои биле истргувани 11.497 акции, со промет од 4,6 милиони евра. Со удел од високи 40,65 отсто во вкупниот промет. Притоа, треба да се напомене, во ноември просечната вредност беше 24.501,87 денари. Во однос на вчерашниот просек, разликата е 10,15 проценти.
Сето ова укажува на големиот интерес кај инвеститорите за вложување во акцијата на Комерцијална банка. Која по деветте одработени месеци прикажа добивка од 72 милиони евра, а очекувањата се дека годинава ќе ја заврши со цифра од околу 100 милиони евра.
Порталот Пари побара коментар од Комерцијална банка и за тоа што ја одржува акцијата како најтргувана на пазарот и што го стимулира интересот на инвеститорите.
„Во изминатите неколку години Комерцијална банка бележи извонредни финансиски резултати, исплатува висок износ на дивиденда и притоа постигнува и зголемување на резервите, со што уште понагласено го зацврстува интересот на инвеститорите за тргување со акцијата. Сепак, има и други исклучително значајни аспекти поврзани со ликвидноста на акциите на Комерцијална банка кои го рефлектираат долгорочниот тренд и интерес на инвеститорската заедница за оваа акција. Со исклучок на две години кога не беше исплатена дивиденда, Комерцијална банка има долгогодишна стабилна дивидендна политика базирана на адекватна распределба на добивката во дивиденда и резерви со цел да се задоволат очекувањата на акционерите и потребата од зголемување на капиталот за регулаторни цели кои ќе го поддржат кредитниот раст. Не може да се заборави дека еден од значајните аргументи за континуираниот интерес за акцијата на Комерцијална банка од страна на инвеститорите и акционерите се и стабилноста и сигурноста на Банката, нејзината голема транспарентност, квалитетна ревизија, соодветно ниво на корпоративно управување, кои влеваат доверба кај постојните и потенцијалните акционери“, велат од Комерцијална банка.
М.А.