ПОВЕЌЕ

    НАГРАДИТЕ НА МАКЕДОНСКА БЕРЗА ГИ ПОДИГААТ СТАНДАРДИТЕ на корпоративната одговорност и деловната етика

    Време зa читање: 8 минути

    Македонска берза им врачи награди и признанија на најуспешните учесници на пазарот на капиталот. Годишните награди се доделуваат четврта година по ред, а добитниците се одредуваат врз основа на квантитативни податоци – берзанскиот промет, цените, истргуваната количина на хартии од вредност и бројот на трансакции.

    Годинава беа доделени 12 награди во различни категории и седум признанија.

    Македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ и најголемата домашна банка, Комерцијална банка добија најголем број награди.

    Во категориите „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2024 година“- по избор на пазарни учесници, „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2024 година“ – по избор на медиуми, „Акција на годината за 2024 година по избор на јавноста“ и признание за добри ESG практики во 2024 година ги доби „Алкалоид“, а му беа врачени на генералниот директор, Живко Мукаетов.

    Наградата за „Најтранспарентно котирано акционерско друштво“ компанијата ја освојува по 12-ти пат. Со тоа се потврдува посветеноста кон највисоките стандарди на корпоративно управување. Транспарентноста во работењето и квалитетната комуникација со сите засегнати страни – инвеститорите, институциите, медиумите и јавноста – се основните вредности кои „Алкалоид“ доследно ги негува“, велат од компанијата. Притоа, додаваат – наградата за добри ESG-практики е значајно признание за успешната имплементација на ESG-стандардите во работењето и за нивната интеграција во деловните стратегии. „Посветен на јасна предвидливост и на високи перформанси, „Алкалоид“ ќе продолжи да ги зајакнува овие принципи во годините што следуваат, останувајќи лидер во деловната етика и во корпоративната одговорност“, порачуваат од компанијата.

    Комерцијална банка исто така е добитник на четири годишни награди: „Акција со најголем промет во 2024 година“ во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони евра пазарна капитализација, потоа „Акција со најголем пораст на цената во 2024 година“ во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони евра пазарна капитализација. Третата награда е „Членка на годината за 2024 година“ – членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции со обврзници и Признание за добри ESG практики во 2024 година.

    Благодарност до Македонската берза и до АмЧам во името на Комерцијална банка упатија Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор, и Билјана Максимовска-Поповиќ, главен директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор. Тие истакнаа дека наградите се потврда за посветеноста на Банката на транспарентно работење, создавање вредност за акционерите и доследно имплементирање на принципите на одржлив развој и корпоративна одговорност.

    Наградите се и доказ за довербата на инвеститорите во банката и за стабилноста на нашето работење, со што дополнително ја зацврстуваме нашата позиција како една од најдинамичните и најуспешни компании на македонскиот пазар. Престижните признанија се секогаш поттик за Комерцијална банка да продолжи да ја јакне довербата на клиентите, инвеститорите и акционерите во нејзината успешна корпоративна мисија – велат од Комерцијална банка.

    Зад нив се наоѓа Стопанска банка АД Битола, која доби две награди од Македонска берза – „Акција со најголем промет во 2024 година“ во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација и во категорија „Акција со најголем пораст на прометот во 2024 година“ во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна евра капитализација.

    Во категорија „Акција со најголем пораст на цената во 2024 година“ во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација добитник е ТТК Банка АД Скопје, а во име на друштвото наградата ја прими Жарко Митревски, директор на Дирекција за средства и ликвидност на ТТК Банка АД Скопје.

    Во категоријата „Акција со најголем пораст на прометот во 2024 година“ во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна евра капитализација добитник е „Окта“ АД Скопје.

    Во Категоријата „Членка на годината за 2024 година“ – Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции од редовно тргување со акции – добитник е „Еурохаус“ АД Скопје, а Стефан Степаноски, директор на членката ја прими наградата.

    „Голема благодарност до Македонската берза за доделената награда, голема чест е да се добие ова признание. За нас ова претставува потврда за квалитетот на услуги кои го нудиме, за нашата посветеност на работењето и создавање вредност за нашите клиенти, како и доказ за нивната доверба. Со оваа престижна награда дополнително ја зајакнуваме нашата лидерска позиција на пазарот при тргувањето на пазарот на капитал. Нашата сила лежи во професионалниот и искусен кадар кој работи стручно, посветено и во согласност со принципите на приватност и доверливост, а сè со цел да обезбедиме најдобри финансиски услуги. И за крај, најголема благодарност и до нашите клиенти кои ни ја даваат својата доверба, ќе останеме посветени на нашата мисија да нудиме највисок стандард на финансиски услуги. Нашата цел за 2025 година е да останеме финансиска институција-лидер во берзанското посредување, а со тоа да бидеме пример за создавање на квалитет при извршување на сите свои активности, како за доброто на клиентите, така и за напредокот на општествената заедница“ – изјавија Сашо Дракуловски и Стефан Степаноски, од менаџментот на Друштото.

    Во категорија „Годишна награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност“ – добитник е Европската банка за обнова и развој. Според Комисијата, ЕБРД веќе подолго време е најзначаен институционален поддржувач на Берзата (воспоставување на Тренинг Центарот на Берзата, поддршка на СЕЕ ЛИНК, новиот Кодекс за корпоративно управување, Водичот за ЕСГ известување…), а токму годинава успешно заврши проектот за изготвување на среднорочна развојна стратегија на Македонска берза и се отпочна со сличен проект во ЦДХВ АД Скопје, каде Берзата е најголем поединечен акционер. За доделување на оваа награда беше формирана Комисија во состав: Тони Стојаноски, претставник од Одбор на директори на Македонска берза, Иван Штериев, претставник од стручната служба на Берзата, Ленче Тагасовска, претставник на регулаторните институции, Горан Марковски, претставник од пазарните учесници, Јелисавета Георгиева-Јовевска, претставник на корпоративниот сектор, Сашо Арсов, претставник од високообразовна институција и Драган Давитков, претставник од редот на експерти во областа на финансии.

    Со цел истакнување на добри практики кај котираните друштва, Македонска берза му  доделиа Признание на „Реплек“ АД Скопје за реализиранo корпоративно дејство – поделба на акциите во 2024 година. Признанието во име на компанијата го прими генералниот директорк, Душан Пецовски.

    За прв пат годинава, Македонска берза во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија додели признанија за добри ESG практики. Селекцијата и изборот на компаниите беа извршени со вкрстување на направените анализи во текот на годината во овој домен и од двете институции, според различни критериуми. Признанијата се доделија на 2 котирани со доминантно домашен капитал, 2 котирани со доминантен странски капитал и 2 некотирани друштва. Признанија за добри ESG практики во 2024 година добија: „Алкалоид“; Комерцијална банка; „Либерти“; НЛБ банка; „Гентерм Северна Македонија“; ПроКредит банка.

    Годишните награди на Берзата ги доделија Тони Стојановски, претседател на Одборот на директори на Берзата, Горан Анастасовски, член на Одбор на директори на Македонска берза, Славчо Филипчев, член на Одбор на директори на Македонска берза, Лазе Камчев, главен извршен директор на НЛБ Фондови (претставник на Комисијата на пазарни учесници), Весна Миќиќ Божиновска, новинар (претставник на Комисијата на медиуми), Нина Нинеска Фиданоска, главен и одговорен уредник на порталот faktor.mk, Драган Давитков, директор, PwC Северна Македонија, Јелена Арсовска, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија, Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза и Каролина Каровска Божиноска, директор на Сектор за развој, промоција и односи со јавност во Берзата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично