ПОВЕЌЕ

    БЕЛГИСКИОТ СТАРТАП ABEE ГРАДИ 40 МИЛИОНИ ЕВРА вредна фабрика за батерии во Кичево

    Време зa читање: 3 минути

    „Avesta Battery and Energy Engineering“ гради фабрика за производство на електронски батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево. Инвестицијата од 40 милиони евра со текот на годините ќе отвори 600 нови работни места. Во првата фаза ќе се вложат 10 милиони евра, а ќе се вработат 200 лица.

    „Денеска отпочнува една убава инвестиција овде, за овој дел на Македонија, во Кичево. Очекуваме максималниот број на вработени во еден момент да биде 600, зошто да не и повеќе“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот.

    Според него, од оваа фабрика ќе има и солиден извоз.

    „Извозот да биде до половина милијарда евра, максимално очекуваме за шест до седум години да порасне. Ова се само докази дека заеднички може да се прави многу“, рече Мицкоски, кој најави дека во наредниот период ќе има објави и за други инвестиции.

    Според него, оваа година до крајот ќе се заврши со рекорден број странски инвестиции, во вредност од повеќе од една милијарда евра, со што ќе бидеме најдобри по глава на жител на Балканот. И се враќаме повторно, но сигурно, на мапата на инвеститорите, иако досега би рекол, седум години бевме заборавени“.

    „Avesta Battery and Energy Engineering“ е компанија од понов датум. Формирана е во 2019 година од универзитетскиот професор Ношин Омар. Тоа е динамична инженерска компанија специјализирана за технологија за дизајн и рециклирање батерии, како и за изнаоѓање напредни иновативни решенија за батерии и батериски системи за автомобилски и стационарни апликации.

    Како што пишува на нивната веб-страница, ABEE ја има на две локации, во Белгија, во близината на Брисел, и во Северна Македонија. „Компанијата ќе се фокусира на истражување и развој во областа на BMS и системи за енергетска електроника, како и на нивно масовно производство. Производниот капацитет ќе биде 70.000 единици годишно и поради тоа компанијата ќе има околу 100 вработени во првите три години“.

    Во моментот работат на повеќе од 25 проекти, а годишното производство е 10 илјади производни единици.

    Инаку, договорот за оваа инвестиција беше потпишан во мај 2023 година. Како што беше најавено од тогашното раководство на Дирекцијата за ТИРЗ, освен новите вработувања, инвестицијата ќе донесе и просечна бруто плата од 1.500 евра. А, беа нагласени и очекувањата дека фабриката во Македонија ќе стане хаб во кој ќе се привлекуваат таленти, особено млади луѓе.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично