ПОВЕЌЕ

    „ЗАГЛАВЕНИ СМЕ ВО СНЕГОТ И СО ГОЛИ РАЦЕ ГИ ТУРКАМЕ ВОЗИЛАТА“: Конвој возила со деца и трудници се уште чека помош од надлежните кај Леуново

    Време зa читање: 4 минути

    Конвој од околу 30 возила веќе неколку часа безуспешно се обидува да се пробие по патот од мавровското село Леуново во правец кон одморалиштето Бунец и регионалниот пат Дебар-Скопје, јавуваат граѓани на нашата редакција. Возилата, во кој има и деца и трудници утринава тргна од Леуново и соседното село Никифорово кон Скопје откако ноќта ја поминаа таму во обид да ги сочекаат надлежните служби да го расчистат патот од снег и паднати дрвја и за леки коли, но и по повеќе часа поминати во обид да се извлечат, тие се повеќе заглавуваат.

    „Не само патничките автомобили, туку и џипови имаат проблем со неисчистениот снег, а заморот од постојаното застанување и рачно вадење на возилата од големите снежни навеви, веќе не стигнува“, вели жителка на Скопје, која со сопругот и со две мали деца го поминала минатиот викенд во Леуново, во туристичкиот центар Маврово. „Не знам веќе на која надлежна служба не се јавивме овие неколку часа, но нема никој да ни помогне“, додава таа.

    Центарот за управување со кризи доцна синоќа извести дека сите гости во селото Леуново биле евакуирани, освен оние кои таму останале „по своја воља“. „Поради обилните врнежи од снег во текот на викендот, повеќе патни правци биле непроодни или тешко проодни за сообраќаи и дека „особено критично е во Мавровскиот реон од каде се добиени поголем број на настани и поплаки од граѓани кои известуваат дека патниот правец до Хотел Радика не е прооден и истите се заглавени во хотелот. Преку целиот ден извршени се голем број на контакти со одговорните лица од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта , ЕЛС и МВР од кои се добиени информации дека висината на снежната покривка во регионот е околу 80 центиметри и има паднати голем број на дрвја кои го отежнуваа и забавуваа сообраќајот. Екипите на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта тековно вршеа сечење на дрвјата и чистење на коловозите и во најголем дел од регионот сообраќајот се одвива редовно во зимски услови. Проблематично е делницата до кај Хотел Радика“.

    Од ЦУК додаваат и дека од страна на одговорното лице од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта -секција Маврово биле известени дека има на терен машина за чистење на снег која прави напори да го оспособи и исчисти патот за да можат гостите од хотелот истиот да го напуштат и да се вратат во своите домови. Од последниот контакт со дежурниот во ПС Маврово кој бил синоќа во 20:00 часот, добиена е информација дека возилото од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, оди напред, а позади него гостите од хотелот со своите возила. Колоната е стигната до кај Бунец. Се движат споро, но според дежурниот истите ќе успеат да се стигнат до своите дестинации.

    Нашата соговорничка вели дека и тие и многу други гости од Леуново и Никифорово синоќа сепак одлучиле да останат во селата поради проценката дека со своите возила тешко ќе се пробијат по слабо исчистениот пат и по снегот кој бил замрзнат поради ниските ноќни температури и го одложиле тргањето кон дома за утринава, во надеж дека дотогаш состојбата со патот до Бунец ќе биде подобрена.

    Сепак до моментот на пишувањето на овој текст, конвојот со возила, како што сме информирани, се уште се соочува со потешкотии, при што сите 30 возила се движат полека, со помош на туркање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично