ПОВЕЌЕ

    Димитриеска-Кочоска: Предлог-буџетот за 2025 е нов концепт за фискална консолидација и инвестиции за забрзан раст

    Време зa читање: 5 минути

    Предлог-буџетот за 2025 година е пред се развоен, поткрепен со  планирани средства за капитални проекти, проекти на општините, поддршка на стопанството. Буџет кој носи промена во водењето на јавните финансии и кој е само дел од новиот концепт којшто го воведуваме во пракса, а кој се занова на фискална консолидација и инвестиции во остварување забрзан економски раст. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по Предлог-буџетот за 2025 година во Комисијата за финансирање и буџет.

    „Предлог-буџетот за 2025 година е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување  фискална одржливост. Клучно е дека тој е визија на Владата за наредната година којашто базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции. При тоа обезбедува непречено функционирање на институциите и државата и редовно сервисирање на обврските.

    Оттука во креирањето на Буџетот за  наредната година појдовме од определбата за намалување на буџетскиот дефицит кој во 2025 година е понизок за 0,9 п.п. Ефикасно прибирање на приходите, преку борба со сивата економија и најважно ефикасност во користењето на сите средства. Односно, целта беше средствата кои се прибираат по сите основи во Буџетот да бидат ставени во функција и да дадат најдобри ефекти. Во таа насока се поттикнати институциите коишто имаат сопствени средства да ги ефектуираат и да ги користат. Износот на средствата заклучно со 12 ноември во буџетските корисници е над 14 милијарди денари. По тој основ отворивме можност да се финансираат многу повеќе проекти коишто носат развој”, рече министерката. 

    Таа додаде дека новиот концепт не носи во година во која треба да продолжи стабилизрањето на макроекономската состојба и забрзување на економскиот раст и определбата на среден рок да постигнеме стапки на економски раст просечно од 5% и  буџетски дефицит и јавен долг согласно фискалните правила.

    „Ваквата визија не се темели на список на желби, таа ја темелиме на остварувањата особено во втората половина од 2024 година. Растот го темелиме на реална реализација на силен инвестициски циклус, поткрепен со висок износ на капитални расходи во Предлог-буџетот и низа мерки и политики за ефикасна реализација на планираните средства. Покрај инвестиции во јавниот сектор, развојната компонента ќе биде поддржана и преку планираниот инвестициски циклус во приватниот сектор кој ќе биде поддржан од државата преку обезбедените поволни средства од унгарскиот заем, како и проектите на локално ниво коишто ќе ги реализираат општините”, рече министерката и додаде дека растот на БДП е проектиран на 3,7%, додека инфлацијата на 2,2%. Предлог-буџетот за 2025 е буџет во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно со овој буџет приходите се зголемени за 13%, а расходите за 10% во однос на 2024 година, што пак придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари”, рече министерката. 

    Вкупните приходи на Буџетот за 2025 година се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, додека расходите се планирани на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 41,3 милијарди денари или на ниво од 4% од БДП и е понизок за околу 3,3 милијарди денари.   

    Со Буџетот за 2025 година, како што рече министерката, се водевме од буџетирање базирано на принцип на реалност, односно планирани приходи во износи кои може реално да се остварат и расходи кои може да се извршат. При тоа, расходната страна особено се темели на поефикасно користење на ресурсите за работа, намалување на несуштински расходи, како и поголем позитивен импакт врз економската активност.

    Со Предлог-буџетот за 2025 година се планирани средства 50,5 милијарди денари за капитални расходи и 349,6 милијарди за тековни расходи со кои се обезбедува редовна исплата на плати, редовна исплата на пензии и нивно зголемување, исплата на социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството.

    Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 48,1 милијарда денари кои бележат раст од 8%, за стоки и услуги се проектирани 26,2 милијарди денари и бележат намалување од 0,5% во структурата на вкупните расходи. За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари од март следната година. За исплата на надоместоци за социјална заштита се планирани околу 14,5 милијарди денари, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност планирани се 1,6 милијарди денари, за спроведување на активни политики и мерки за вработување планирани се 2,3 милијарди денари. Повеќе средства се обезбедени за здравствена заштита кои се планирани на ниво од 52,5 милијарди денари и бележат раст од 10,7%. При тоа ФЗОМ и МЗ имаат и сопствени средства за здравствена заштита. Поддршка во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до ЕЛС се планирани во износ од 33,2 милијарди денари кои се зголемени за 2,5 милијарди.

    Капиталните расходи се на ниво од околу 50,5 милијарди денари и ќе создадат предуслови за нов циклус на економски раст, обезбедување значително ниво на јавни инвестиции коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните.  Покрај високото ниво на капитални инвестиции од буџетски средства, значителни средства за реализација на проекти се обезбедени и со заеми од меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори, а насочени се во железничката, комуналната инфраструктура и управување со отпад, енергетска ефикасност во јавниот сектор, здравството, образованието, социјалните услуги, земјоделството, енергетскиот сектор и слично. 

    Со Предлог-буџетот предвидено е буџетскиот дефицит да се финансира со задолжување на домашниот и меѓународниот пазар. Во 2025 година отплатата на главницата на надворешниот долг е во износ од 49,3 милијарди денари, додека на домашниот пазар 16,9 милијарди денари.

    Расправата по Предлог-буџетот во Комисијата за финансирање и буџет трае 10 дена, по што како Дополнет предлог се испраќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично