Во рамките на македонската економија, товарниот патен транспорт се смета за еден од клучните двигатели на трговијата и логистиката. Овој сектор ги опфаќа компаниите коишто се занимаваат со транспорт на стока и материјали преку патната инфраструктура, обезбедувајќи неопходни услуги за разни индустрии, од производството до трговијата.
Анализата на врвните десет компании во дејноста со шифра 49.41, што ја направи порталот Пари во соработка со БизнисМрежа.мк, дава увид во нивната финансиска состојба, продуктивноста и пазарната позиција. Кои се бизнис-лидерите во оваа област?
МОЖНОСТИ ЗА ДОБАР ПРОФИТ
Оилко КДА и Дени интернационал предничат со добивката. Мала е разликата меѓу нивните достигнувања, што укажува на силна конкуренција. Командитнодруштво со акции за транспорт лани остварило профит од 238.303.872 денари (3,87 милиони евра), а Друштвото за меѓународен транспорт и шпедиција ‒ 237.881.559 денари (3,86 милиони евра). Овие компании се истакнуваат по високиот процент на конверзија на приходите во добивка.
Следуваат уште три друштва чии добивки го надминуваат прагот од еден милион евра – едно од Неготино и две од Струмица. Емша Шпед од своето работење има профит од 114.717.994 денари (1,8 милиони евра), Дисмак транспорт ‒ 97.549.368 денари (1,5 милиони евра), а Јавор-Транс во графата добивка запишало сума од 67.113.758 денари (1,09 милиони евра).
Позиционираните фирми од шестото до десеттото место имаат профити коишто почнуваат од над 900 илјади и се спуштаат до над 700 илјади евра. Тоа, пак, е показател дека дејноста со којашто се занимаваат нуди можности за добра заработка. Нивниот заеднички биланс е речиси 16,4 милиони евра.
Извор: БизнисМрежа
НАЈСЛАБИТЕ ПРИХОДИ – 9,4 МИЛИОНИ ЕВРА
Дени интернационал добро се носи со конкуренцијата и доминира во сегментот приходи. Во текот на минатата година инкасирало 1.627.499.977 денари или 26,4 милиони евра.
Зад него е неготинскиот Емша Шпед со 1.261.247.507 денари (20,5 милиони евра).
На листата топ 10 по остварени приливи во 2023 година, кои со заеднички сили достигнале вкупно 153,25 милиони евра, се наоѓаат компании коишто не се рангирани во листата со добивка. Впрочем, и покрај најголемиот профит, Оилко КДА е на седмото место според приходите.
Со обезбедените 1.066.374.668 денари (17,3 милиони евра), третото место го зазема Друштвото за транспорт и услуги Рецкосс-Транс ЛТД ДООЕЛ Скопје. Четвртопозиционирано е Друштвото за производство, трговија, транспорт и услуги Сакаов Транс, кое бележи приходи од 1.000.747.971 денар (16,2 милиони евра).
Понатаму се пласираат фирмите коишто имаат приливи во милиони, а не во милијарди денари. Сепак, тоа не значи дека станува збор за ниски износи. Доволно е да се спомене дека само двајца од рангираните превозници имаат приходи помали од десет милиони евра. И тоа, станува збор за 9,99 и 9,4 милиони евра.
Извор: БизнисМрежа
ВО ДЕСЕТ ФИРМИ ПЛАТА ИМА ЗА 1.271 ВРАБОТЕН
Најголемиот по приходи има и најмногу вработени. Во Дени интернационал се ангажирани 286 лица, што можеби значи дека компанијата се фокусира на обезбедување кадар за зголемување на оперативната ефикасност.
Уште пет друштва во своите редови имаат повеќе од сто вработени. Тие се Оилко КДА (198), Технотранс (168), Емша Шпед (112), а ДЕУС БиБ и Кола логистика имаат по 110 вработени.
Најмалуброен е колективот на Оли-Шпед, каде има 69 вработени.
Компаниите од овој транспортен сектор не се сконцентрирани само во еден град и регион. Па, освен што придонесуваат за националната економија, имаат голем удел и во развојот на средините од каде што доаѓаат. Од голема важност е можноста за работа што им ја нудат на своите сограѓани.
Извор: БизнисМрежа
Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.