ПОВЕЌЕ

    Бочварски убеден – ќе нема штрајк, контролорите на летови цврсто против партиските вработувања

    Време зa читање: 2 минути

    Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, е убеден дека контролорите на летови ќе отстапат и најавениот штрајк нема да се реализира. Мислењето го темели на разговорите одржани вчера со Синдикатот на контролорите за летови, затоа што заклучиле дека интересот на граѓаните и на државата се над се.

    „Имав вчера многу продуктивен разговор со претседателот на Синдикатот, мислам дека беше многу корисен. На минатата средба во октомври имавме четири прашања кои беа отворени. На сите прашања се работи во координација со Синдикатот. Остана уште едно прашање на кое вчера дискутиравме. И граѓаните да бидат сигурни дека правиме се, правиме напори и убеден сум дека контролорите од таа најава ќе отстапат. Тие ќе имаат свој состанок, но по она што го дискутиравме и двајцата заклучивме дека интересот на граѓаните и на државата мора да биде пред се и над се“,  наведе Бочварски.

    Сепак, засега нема такви информации од контролорите, кои за 25 месецов најавија седумчасовен предупредувачки, а потоа и дводневен штрајк во текот на новогодишните празници. Доколку дојде до тоа, новогодишниот штрајк би значел блокада на авиосообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром, а нема да се опслужуваат ни прелетите.

    Ваквата нивна реакција е предизвикана од обидите за пратиски вработувања преку два објавени огласи од раководството на М-НАВ, за деловни асистенти и за советник за човечки ресурси. Откако контролорите го кренаа гласот, директорот на М-НАВ вториот оглас го прогласи за „грешка“. Барањето на контролорите е да се повлечат огласите.

    Во текот на изминатите денови, претседателот на Синдикатот на контрола на летање, Александар Тасевски, посочи дека е прекршена спогодбата постигната со раководството на М-НАВ, чиј гарант е министерот Бочварски. Притоа, нагласи дека не е испочитуван договорот за времетретрање на огласите, а згора на тоа кадарот што е во план за вработување не е од суштинските дејности.

    Ова не е првата битка што Синдикатот ја води со менаџментот на М-НАВ по прашањето за непотребните вработувања на некомпетентни лица поврзани со владејачките партии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично