Ако денес носат одлука дали да инвестираат во Македонија за првпат, тоа би го сториле само 43 отсто од актуелните странски инвеститори. Кои имаат низа забелешки за овдешните услови за работа, а како предности ги посочуваат поволната деловна клима и ниските даноци. Тоа е суштината на одговорите дадени во анкетата „Бизнис инвестициски индикатор“, спороведена од Советот на странски инвеститори. Анкетата е реализирана во периодот од 20 ноември до 12 декември. Опфатени се странските инвеститори кои направиле годишен обрт од 7,7 милијарди евра, вработуваат 38.000 граѓани, инвестирале над 400 милиони евра, а 78 проценти од нив се извозно ориентирани.
Според претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, 45 отсто од компаниите го зголемиле производството, 36 отсто го намалиле, а на истото нив останало кај 19 отсто.
Што се однесува до инфраструктурата во земјава, 37 проценти од инвеститорите не се задоволни, 50 отсто се делумно, а само десет отсто се целосно задоволни.
Како што нагласи Мизо, 99 проценти од нив се соочиле о предизвици во текот на годинава. На прво место е недостатокот од доволно едуцирани кадри. Па следат владеењето на правото и правната држава, корупцијата, непредвидливите законски измени, бирократијата.
Најголемиот дел од анкетираните компании се произнеле дека имаат проблем во пронаоѓањето соодветен кадар, пред се инженерски и технички профили. Причините за тоа ги согледуваат во иселувањето, малиот интерес за работа во индустријата, недоволното практично искуство, но и отсуството на лојалност, наведе претседателот на УО на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер. Инаку, како што рече, повеќето од компаниите се задоволни или делумно задоволни од ефикасноста на вработените. Во текот на оваа година платите ги зголемиле за 10 до 20 асто, некои и повеќе. Кон тоа пристапиле поради инфлацијата, зголемените трошоци за живот, но и заради конкуренцијата и намалената понуда на пазарот на трудот. Исто така, и за да зголемат мотивацијата кај вработените.
За состојбите во ИТ секторот, зборуваше главниот извршен директор на „Македонски Телеком“, Никола Љушев, кој вели дека е добро тоа што работата од далечина им овозможува на домашните стручњаци да работат за светски брендови од таа област, при што се запознаваат со новите процеси, новите технологии. Сепак, вели, нивната цена постојано расте, а прашање е коку локалните компании можат да си дозволат такви услуги, па дигитализацијата за дел од нив е невозможна мисија.
Во таа насока се укажува дека е тежоки и пристапот до странски работници, затоа што се работи за долг процес и бројни бирократски процедури.
За проблемите странските инвеститори предлагаат насоки како да се дојде до нивно надминување. Сметаат дека најважен е пристапот на државните институции, кои треба да обезбедат употреба на меѓународни сметководствени стандарди, да се скратат бирократските процедури, пред се кај увозот на работна сила, да се хармонизираат царинските стапки. Исто така, сметаат дека треба да се подбри поддршката за постојните инвеститори што ја добиваат од државата. Велат, добар дел од посоченото треба да почне да се средува до почеткот на изборниот процес, во спротивно, се ќе се пролонгира, а работата ќе трпи.
Што се однесува до ЕУ-перспективите, 53 проценти сметаат – влезот во Унијата позитивно ќе влијае, а 13 отсто сметаат де негативните ефекти ќе бидат поголеми, зашто не ќе може да се спречи одливот на кадар. Сепак, 32 проценти од анктираните странски инвеститори немаат никакви очекувања, поради тоа што нивните согледувања покажуваат дека тоа нема да се случи во догледно време.